Урнатите кули од Светскиот трговски центар се вратија за кратко во Њујорк (ВИДЕО)


Исчезнатите кули-близначки се вратија во Њујорк на неколку минути. Во пресрет на 25-годишнината од нападите на 11 септември беше одржан светлосен спектакл.

Дроновите најпрво се издигнаа на ноќното небо во спирала, а потоа ги формираа контурите на уништените кули на Светскиот трговски центар. За инсталацијата беа употребени 2.977 дронови – по еден за секое лице загинато во нападите.

 

Американските медиуми од вчера ги објавуваат најпотресните видео сведоштва од 11 септември, вклучувајќи ги тие кога вработени во Светскиот трговски центар скокаа за да не изгорат живи и „Жената од прав“ – црна жена прекриена со прав од урнатата кула која подоцна умре од рак на 42 години.

 ​​Таа се викала Марси Бордерс, 28-годишна правна асистентка во „Банк оф Америка“ која работела на 81-от кат кога удрил првиот авион. Наместо да остане на местото, таа побегнала по скалите. Токму кога стигнала до улицата, Јужната кула се урнала, заробувајќи ја во огромен токсичен облак. Физичката и емоционалната траума останале. Во 2014 година, на Бордерс ѝ бил дијагностициран рак на желудникот – болест за која таа цврсто верувала дека е предизвикана од токсичните материи.

На 24 август 2015 година, Марси Бордерс починала на само 42-годишна возраст. Нејзината приказна ја истакна мрачната реалност што продолжува и понатаму: за илјадници преживеани, вработени во центарот на градот и жители, смртоносните последици од „Граунд зеро“ (Ground Zero) не престанаа штом се слегна правот.Денес, бројот на луѓе кои починаа од болести поврзани со 11 септември – вклучително и тешки форми на рак предизвикани од токсичниот воздух – е поголем од бројот на жртвите трагично изгубени на денот на нападот кога беа регистрирани околу 3.000 мртви.