Трампoвата администрација предлага од пописот за 2030 година да се изостават нелегалните имигранти и податоците за расата
Администрацијата на Доналд Трамп најави можност за големи измени во пописот на населението во САД во 2030 година, вклучително и изоставување на милиони имигранти и на дел од демографските податоци.
Предложените измени би се однесувале на недокументираните имигранти, барателите на азил и лицате без постојан статус, додека од традиционалниот прашалник би биле отстранети и одредени прашања за расата, етничката припадност и сексуалната ориентација.
Американското Биро за попис цени дека според најсоодветното толкување на Уставот, нелегалните имигранти не треба да бидат вклучени во бројот врз основа на кој се распределуваат местата во Претставничкиот дом, бидејќи не припаѓаат на ниту една од категориите „вистински жители“, членови на „политички тела“ или лица со „вообичаено престојувалиште“ во САД, и тоа „поради недоволно цврста поврзаност со САД и потврдена лојалност кон земјата“.
Агенцијата, исто така, соопшти дека пописот „треба да биде расно неутрален и не треба да биде искривен со прашања за неважни лични карактеристики, како што е расата“. Предлогот потсетува на претходната идеја на Трамп во пописот за 2030 година да се додаде прашање за државјанството.
Бет Јарош, потпретседателка на Здружението на корисници на јавни податоци, ги оцени предлозите како без преседан и предупреди дека најголема опасност би било токму непребројувањето на сите луѓе кои живеат во земјата.
Таа додаде дека податоците од пописот се користат за распределба на местата во Претставничкиот дом на САД, за утврдување на бројот на електорските гласови, но и за насочување на ресурсите при јавно-здравствени кризи, природни и други катастрофи…
Според неа, погрешното или нецелосното пребројување би ја ослабнало политичката застапеност на дел од населението, додека укинувањето на податоците за расата и етничката припадност би ги отежнало истражувањата за дискриминацијата, криминалот и имотните нееднаквости.
Манјуша Кулкарни од организациите „Стоп за омразата кон Азијците и жителите на Тихоокеанските Острови“ (Stop AAPI Hate) и „ААПИ Алијансата за еднаквост“ (AAPI Equity Alliance) порача дека таквите промени сериозно би ги погодиле заедниците на кои им служат нејзините организации.