Адвокатите на Илон Маск најавија тужби за клевета за документарниот филм „Musk“
Правниот тим на најбогатиот човек во светот, Илон Маск, им се закани со тужба на продуцентите и дистрибутерите на четиричасовниот документарен филм посветен на него, меѓу другото обвинувајќи ги авторите дека при создавањето на остварувањето не ги провериле фактите и изнеле клевети.
Неговиот адвокат Алекс Спиро, во опоменувачко писмо од 3 септември, го обвинува оскаровецот и режисер Алекс Гибни дека документарниот филм „Musk“ го засновал врз однапред донесени заклучоци, наместо врз непристрасно истражување, и дека не ги проверил изнесените факти со Маск или со неговите соработници.
Адвокатите на првиот трилионер во историјата предупредија дека може да покренат тужби за клевета против продуцентите и дистрибутерите на филмот, меѓу кои се и „Ејч-Би-Оу“, „Бликер стрит“ и „Јуниверзал“.
Спиро посебно ја издвоил наводната инсинуација дека сателитите „Старлинк“ на Маск биле користени за влијание врз американските претседателски избори во 2024 година.
„Бевте информирани, пред премиерата на филмот, дека таа инсинуација е погрешна, дека јавно достапните материјали ја побиваат и дека вие самите одлучивте да не го слушнете остатокот“ – се наведува во дел од писмото на Спиро, пренесува „Холивуд репортер“.
Продукциската куќа „Џигсоу продукшнс“ во соопштение за истиот медиум ја бранеше точноста на информациите во филмот и порача дека Маск, како „апсолутист на слободата на говорот“, треба да го поддржи нивното право да ги преиспитуваат моќните личности.
Филмот „Musk“ беше прикажан во вторникот на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што доби овации од публиката и пофалби од критиката. Во него Гибни го следи патот на сопственикот на „СпејсИкс“, „Икс“ и „Тесла“ од неговото раѓање во Јужноафриканската Република до пробивот во Силиконската Долина на почетокот на 2000-тите години. Филмот се осврнува и на тешкото детство на Маск, како и на неговите 14 деца со повеќе жени.
Маск во последните денови во најмалку десетина објави на својата платформа „Икс“ го нападна режисерот, нарекувајќи го „ужасно човечко суштество“, а неговиот документарен филм – здодевен памфлет.
Инаку, опусот на режисерот Гибни често се занимава со теми поврзани со моќни институции и организации, како во филмовите за Скиентолошката црква или за меѓународната шпионажа. Тој беше награден со Оскар за најдобар документарен филм за „Taxi to the Dark Side“ („Такси до мрачната страна“), кој зборува за тортурата што ја спроведувала американската војска во Авганистан.