Во руски напади врз Павлохрад убиени седум лица, двајца загинати во руската Белгородска област


Руските сили извршиле напад врз индустрискиот град Павлохрад во југоисточна Украина, при што загинале седум лица, а била погодена и бензинска пумпа во Киев, како и објект на меѓународна агробизнис-компанија во Днипро, во момент кога Москва ги засилува нападите врз логистички и економски цели.

Регионалниот гувернер, Олександар Ганжа, на „Телеграм“ објави дека руските сили користеле дронови, артилерија и авионски бомби, погодувајќи пет реони на градот.

Вкупно 76 лица биле ранети, меѓу кои и неколку деца. На фотографиите објавени на Интернет се гледаат уништени продавници и изгорени автомобили во градот што е како клучна рута за снабдување на украинската армија, поврзувајќи ја централна Украина со источните линии на фронтот.

Нападот врз бензинската пумпа во Киев и врз објект на агробизнис-компанијата „Бунге“ во југоисточниот град Днипро се надоврзува на засилената воздушна кампања на Русија во последните недели. Москва со балистички ракети и ударни дронови врши напади врз магацини, добавувачи на храна и трговски синџири. Киев има потешкотии да ги одбие нападите поради недостиг од системи за противвоздушна одбрана.

Украинскиот премиер, Сергиј Корецки, изјави дека руските напади врз стопанската и цивилната инфраструктура се интензивираат и повика Владата „да реагира и да дејствува превентивно“.

Русија негира дека намерно напаѓа цивилни објекти. Нападот врз бензинската пумпа на „Укрнафта“ е првиот напад врз таков објект во Киев, по околу 300 напади врз бензински пумпи во или во близина на фронтовските региони на Украина во последните месеци.

„Нема никаква воена цел во ваквите напади. Ова е терор и заплашување на цивилното население“, изјави извршниот директор на „Укрнафта“, Богдан Кукура.

Освен тоа, руското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека извршило напади врз бродови што превезувале воен товар во градот Черноморск.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на платформата „Икс“ објави дека во Павлохрад загинале четири лица и истакна дека жртвите биле цивили кои се нашле во реонот на трговски центри.

Градот се наоѓа на околу 80 километри од линијата на фронтот.

Десетици други лица биле ранети и во Краматорск во руски напади во кои биле погодени станбени згради, додаде Зеленски.

Во меѓувреме, руската страна соопшти дека во напад во руската погранична Белгородска област денеска загинале две лица, а седум биле ранети.