Бобан од „Авалон“ се извини за арогантното однесување


Фото: Б. Грданоски

Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошевски, на заедничката прес-конференција со портпаролката на Владата, Марија Митева и  директорот на „Државна лотарија“, Александар Климовски,  упати јавно извинување за претходниот прес до новинарката Мирослава Симоновска, откако јавноста го осуди неговото однесување.

„Прво неџентлеменски искажаната прва реченица без персирање, второ афектно искажаната прва реченица исто така без многу памет. Не знам на колку од вас ви се случило да изговорат нешто во афект од умор и од стрес.

Тоа е едноставно кога јазикот ти е побрз од мозокот. Мене конкретно тоа ми се случи на таа прес-конференција. Контекстот на пресот беше сосема друг, не го очекував тоа прашање, без размислување одговорив во афект од умор и од стрес“, кажа Милошески и додаде дека најискрено се извинува.

Ароганцијата на (не)моќта

На 7 септември, еден ден пред концертот на Дејвид Гета, новинарка го праша Бобан Милошевски од „Авалон“ зошто не е објавена вредноста на договорот и дали постои клаузула што го спречува објавувањето.

„Дали ти изгледам јас ко идиот? Јас кажав за што е пресот. Имате да поставите прашање во контекст на пресот?“, возврати Милошески, а прашањето го оцени како провокација.

Фото: Б. Грданоски

Во продолжение на пресот, Милошевски од „Авалон“ рече дека интенцијата била да се слави цел месец низ Македонија и да се опфатат сите целни групи на публика.

-Јас ќе кажам само дека кога со Марија ја правевме првата прес-конференција имаше некој одреден револт, ама ние знаевме дека тој ќе се неутрализира со време, затоа што луѓето мислеа дека единствен дел на прославата ќе биде концертот со Дејвид Гета. Не, интенцијата беше да се слави месец дена, да се слави низ цела Македонија и да се опфатат, што е најважно, сите целни групи на публика и ова има не само славенички, туку да има и некој едукативен карактер – рече Милошевски.

Истакна дека концертот со Дејвид Гета е најголемиот проект што го направиле во Македонија како „Авалон продукција“.

-Авалон Продукција е најголемата независна промотерска куќа на Балканот во изминативе 30 години и ние сме многу горди и задоволни што иако сме правеле многу сериозни проекти со 20, 25, 30, 40 илјади посетители, сепак во нашава Македонија го направивме најголемиот проект, тоа е проектот со Дејвид Гета. Можеби проектот со Дејвид Гета вас ви изгледа чуден и несвојствен и непотребен, ама јас да ви кажам што е и што беше интенцијата со Дејвид Гета. Ова што го направивме ние со Дејвид Гета во Скопје е потполно исто како, да речеме, во Стајковци да се организира трка за Формула 1 по сите можни потребни атрибути кои што ги бара Формула 1 – додаде Милошевски.

Тој додаде дека го постигнале ефектот цела Источна Европа да зборува дека Македонија прославила 35 години со Дејвид Гета фул монолит шоу. 

-Вакво шоу Дејвид Гета имаше оваа година само во Франција, три концерта во Париз и еден во Марсеј, ќе има во Амстердам Арена пред 80 илјади посетители и го имаше во Скопје. Сите мои колеги кои што работат многу поголеми концерти од тоа што работиме ние беа дојдени во Скопје за да видат и да се чудат, беше невозможно дека фул монолит шоу, буквално во истите пропорции по кои што беше во Париз, беше поставено во Скопје. За тоа како помина шоуто кај публика, за тоа дека јас сум многу пријатно изненаден дека имавме во партер 30-ина илјади млади кои што пеат перфектно песни на англиски јазик, дека помина без ниту еден инцидент, дека помина на највисоко светско ниво. Ми се јавуваа луѓе кои што биле да гледаат шоуа од типот на Хари Стајлс итн., кои што кажуваат дека и продукциски и организационо во Западна Европа тоа не било на нивото на коешто беше концертот на Дејвид Гета во Скопје. Значи, да беше само концертот на Дејвид Гета како прослава за 35 години на Македонија, можеме да дискутираме, ама бидејќи тој беше само еден мал дел, ама сепак пикот, мислам дека тоа беше вистински потег – истакна Милошевски.