Над 4,3 милиони луѓе се погодени од поплавите во источна Индија
Повеќе од 4,3 милиони луѓе се погодени од обилните поплави во 14 окрузи во источната индиска сојузна држава Бихар, соопштија денеска локалните власти.
Според билтенот на државниот Оддел за управување со катастрофи, меѓу најтешко погодените се окрузите Патна, Бхоџпур, Саран, Ваишали, Бхагалпур, Бегусараи и Буксар. Дополнително, повеќе тимови на Државните и Националните сили за одговор при катастрофи се веќе распоредени на терен за изведување брзи операции за помош и спасување поради ризикот од дополнително поплавување.
Неколку реки во регионот и натаму се над нивото на опасност, а за загрозеното население се отворени 951 центар за подготовка и дистрибуција на храна. Исто така, обезбедени се и 15 центри за помош во кои за над 11.000 жртви на поплавите им се нуди сместување, храна, медицинска грижа и други основни услуги, објави државната радиодифузна служба „ДД Њуз“.
Индија секоја година во периодот од јуни до септември се соочува со обилни монсунски дождови кои редовно предизвикуваат поплави и големи материјални штети. Од јули годинава, поројните врнежи веќе предизвикаа низа свлечишта и поплави во повеќе делови низ целата земја.