Речиси сите обвинети за „Пулс“ наскоро ќе бидат на слобода
Родителите на загинатите во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ реагираат откако стана извесно дека на почетокот на октомври првообвинетиот Дејан Јованов – Деко ќе излезе од притвор поради истекување на законскиот рок. Од Здружението „16 март 2025 година Кочани“ порачуваат дека институциите не смеат да дозволат роковите и бавноста на системот да станат пречка за утврдување на одговорноста.
„Нашите деца немаат рок, правдата не смее да истече“, порача Александар Наунов, татко на една од жртвите и претседател на Здружението.
Според него, за родителите прашањето не е само дали еден обвинет ќе остане во притвор, туку дали државата ќе покаже дека 63 изгубени животи не можат да бидат сведени на рокови и процедури.
„ Ако против првообвинетиот Дејан Јованов – Деко постојат сознанија за други кривични дела и законски основи за постапување, тогаш институциите имаат обврска да постапат сега. Не кога ќе истече рокот. Не кога ќе излезе од притвор. Не кога повторно ќе биде предоцна“,– порача Наунов.
Од Кривичниот суд информираат дека притворот на Јованов е продолжен до 3 октомври 2026 година. Обвинителниот акт бил оценет на 3 октомври 2025 година, а согласно законските одредби притворот може да трае најмногу една година од оценката на актот. По истекувањето на рокот, Судот по службена должност може да определи дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на присуството на обвинетиот во понатамошната постапка.
Во меѓувреме, речиси сите останати обвинети во големиот судски процес се на слобода или со мерки за претпазливост. Тодор Јованов, брат на сопственикот на „Пулс“, излегол од куќен притвор откако била прифатена гаранција од 319.154 евра во недвижен имот. Со мерки за претпазливост е и Михаил Јованов. Според информациите од Судот, во куќен притвор остануваат Јане Јанчевски и Ивица Гроздановски, но за Јанчевски веќе е прифатена гаранција од над 33.000 евра во недвижен имот. Откако ќе заврши постапката за впишување хипотека, и тој треба да биде пуштен од куќен притвор со дополнителни мерки за претпазливост.На Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев и Стојанчо Димитриев куќниот притвор им е заменет со мерки за претпазливост, додека за Беким Хаџиу е определена гаранција од 849.602 евра во недвижен имот.
Родителите, сепак, инсистираат дека пуштањето од притвор не смее да значи и избегнување на одговорноста.
„ Нека работи законот. Нека работат институциите. И нека одговара секој за кого вината ќе биде докажана пред суд. За нашите деца нема втор рок. Нема втор живот. Нема заборав“,– порача Наунов.
Судскиот процес продолжува, а по година и половина од трагедијата сè уште нема правосилно осудено лице за смртта на младите.
„ Ние, родителите на децата кои ги загубивме во најстрашната ноќ за Кочани, нема мирно да гледаме како истекуваат законските рокови, додека системот повторно доцни. За нас ова не е прашање само на еден притвор или на еден човек. Ова е прашање дали државата конечно ќе покаже дека 63 изгубени животи значат нешто повеќе од рок, член и процедура. Не нè плаши прашањето дали некој ќе избега. Нè плаши нешто што веќе го видовме – институциите повторно да задоцнат. Ако против првообвинетиот Дејан Јованов – Деко постојат сознанија за други кривични дела и законски основи за постапување, тогаш институциите имаат обврска да постапат сега. Не кога ќе истече рокот. Не кога ќе излезе од притвор. Не кога повторно ќе биде предоцна. И ова не се однесува само на него. Ниту еден обвинет не смее да биде спасен од бавноста на системот. Секој за кого ќе се докаже дека со постапување или непостапување придонел за трагедијата мора да одговара – без заштита, без привилегии и без двојни стандарди. Зашто зад оваа трагедија гледаме години на пропусти, молчење, дозволување и непостапување. Не обидувајте се со бавноста на системот да ни ја одземете и надежта во правдата.
Последиците од институционалното „предоцна“ ние денес ги посетуваме на гробишта. Затоа не дозволувајте процедурата и роковите да станат засолниште од одговорност. Нека работи законот. Нека работат институциите. И нека одговара секој за кого вината ќе биде докажана пред суд. Ние веќе еднаш го изгубивме најсветото што го имавме. Не обидувајте се со бавноста на системот да ни ја одземете и надежта во правдата. За нашите деца нема втор рок. Нема втор живот. Нема заборав“, рече во изјавата Наунов.
Од Обвинителството нема коментар за тоа што сопственикот ќе излезе на слобода по нивното гломазно обвинение, според кое се очекува судскиот процес да трае со години.