Трамп најави 5.000 долари за секој Американец ако републиканците ја задржат контролата врз Конгресот


Американскиот претседател Доналд Трамп на конвенцијата на Републиканската партија им вети по 5.000 долари на сите возрасни граѓани на САД доколку Републиканците ја задржат контролата врз Конгресот по меѓуизборите во ноември.

Тој изјави дека, благодарение на економската сила на земјата, ќе исплати таканаречена „Трампова дивиденда“ доколку неговата партија ги освои и Претставничкиот дом и Сенатот. Трамп ова го соопшти во средата по локално време во Далас. Единствениот услов, според него, е средствата да бидат потрошени во Соединетите Американски Држави.

Сепак, начинот на спроведување на ваквата мерка, како и нејзината правна оправданост, засега остануваат нејасни. Според пресметките, ваквата идеја би чинела околу 1,35 билиони долари, имајќи предвид дека во САД има приближно 270 милиони возрасни жители.

Трамп во својот говор, кој траеше речиси два часа, се постави во центарот на изборната кампања.

„Ве молам однесувајте се како моето име да е на гласачкото ливче“, порача претседателот.

Тој предупреди дека доколку иднината на Америка им биде препуштена на „радикалните левичарски демократи“, земјата ќе ги потроши следните десет години обидувајќи се повторно да застане на свои нозе.

Со дводневниот партиски собир Републиканците настојуваат да ја мобилизираат својата гласачка база пред изборите на 3 ноември. Во центарот на настанот повторно се наоѓа Трамп. На самиот почеток на собирот, Републиканците ги засилија нападите врз Демократската партија, опишувајќи ги Демократите како „опасни, радикални и чудни“, а притоа ги нарекоа и социјалисти и комунисти.

Сепак, стратегијата што речиси целосно се потпира на Трамп се смета за ризична. Неговата популарност е намалена поради војната со Иран и растечките трошоци за живот, кои, според критичарите, се последица и на царинските мерки. Неколку републикански политичари од изборни окрузи каде владее неизвесност околу резултатите, не присуствуваа на собирот, со цел да не ги оттурнат умерените гласачи.

Историски гледано, партијата на актуелниот американски претседател речиси секогаш губи места во Конгресот на таканаречените меѓуизбори.Републиканците во моментов се соочуваат со ризик да го загубат мнозинството во најмалку еден од двата дома на Конгресот. Анкетите воедно покажуваат дека гласачите наклонети кон Демократите во моментов се помотивирани да излезат на избори. Поради тоа, партискиот конгрес е организиран без формални одлуки и повеќе наликува на голем предизборен митинг на Трамп чија цел е да го промени негативниот тренд.

Дури и Fox News истакнува дека ова не е првпат Трамп да ветува готовински исплати: тој им вети на Американците поврат од 2.000 долари кога се воведуваше неговата царинска политика, но тие чекови од 2.000 долари досега не се реализирани.