Оштетени американски воени авиони при иранскиот напад врз база во Јордан


Неколку американски воени авиони биле оштетени при синоќешниот напад врз воената воздухопловна база „Муафак Салти“ во Јордан, објави денеска телевизијата „Си-Би-Ес“, пренесена од светските агенции.

Еден авион А-10 „Тандерболт“ (Thunderbolt) бил погоден и останал без едно крило, додека околу осум авиони Ф-15 претрпеле полесни оштетувања и биле вратени во употреба, објави телевизијата.

Американските сили во Јордан за време на нападот истрелале повеќе од 30 ракети од системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Според „Си-Би-Ес“, засега нема информации за загинати американски војници при нападите во Јордан.

Претставник на Иранската исламистичка револуционерна гарда претходно соопшти дека нивните воздушно-космички сили извршиле напади врз воените воздухопловни бази „Муафак Салти“ и „Принц Хасан“ во Јордан, што ги користат американските воздухопловни сили.

Командата на вооружените сили на Јордан соопшти дека системите за противвоздушна одбрана на кралството пресретнале и собориле 18 ирански балистички ракети, додека две паднале во ненаселени подрачја.