Пристигнува најлошиот Ел Нињо: Професорка од Лондон препорачува што треба да се има дома како резерви за две недели
Британските власти ги повикаа граѓаните да се подготват за можни нарушувања во снабдувањето со храна и со други основни потреби бидејќи климатскиот феномен Ел Нињо се засилува. Експертите предупредуваат дека екстремните временски услови би можеле да ја погодат Велика Британија уште есенvа, додека последиците врз глобалното производство на храна би можеле значително да ги зголемат цените на одделни намирници.
Дејм Анџела Игл, државна секретарка за животна средина, храна и рурални прашања во британското Министерство за животна средина, порача дека граѓаните би требало да имаат одредени резерви на храна дома за да можат да го издржат периодот пред евентуално да им станат достапни итните служби.
-Ако имате резерва од малку храна која може да ви овозможи да издржите некое време пред итните служби да можат да стигнат до вас, ќе бидете во многу подобра ситуација отколку ако ја немате – изјави Игл за „Гардијан“.
Експертите советуваат резерви за две недели
Професорката Елизабет Робинсон, еколошки економски експерт на Лондонската школа за економија, смета дека домаќинствата би требало да имаат дома доволно нерасиплива храна и вода за околу две недели. Во разговор за „Дејли мејл“ таа објасни кои намирници би можеле да се покажат како најкорисни во случај на прекин во снабдувањето или снемување електрична енергија.
-Кога станува збор за тоа со кои намирници Британците би можеле да се снабдат, тоа се житарици како тестенини и ориз, конзервирана храна, вклучувајќи ја и онаа што не е потребно да се подгрева во случај на снемување електрична енергија – рече професорката Робинсон. Особено е важно, додаде таа, да се избираат намирници кои можат меѓусебно да се комбинираат за од нив да се подготви вкусен и хранлив оброк. Меѓу нив ги наведе конзервираниот грав и другите мешунки, рибата или месото, зеленчукот, одредено конзервирано овошје или млеко во прав.
По рекордно топлото лето ги очекуваат силни бури
Британија штотуку го доживеа најтоплото лето откако постојат официјални мерења, а научниците предвидуваат дека од октомври разорни бури би можеле да ја погодат земјата . Потоа се очекува нагол пад на температурите во текот на зимата. Токму поради можноста за екстремни временски услови, британското Министерство за животна средина ги повикува граѓаните однапред да обезбедат основни резерви. На интернет-страниците на британската влада се наоѓа таканаречениот „План за итни ситуации во домаќинството“, во кој се наведени девет основни работи кои граѓаните би требало да ги имаат подготвено.
Меѓу нив се батериска светилка или онаа на рачно полнење, пренослива батерија за напојување уреди, радио на батерии или рачно полнење и резервни батерии. Во комплетот за итни ситуации би требало да се наоѓаат и прибор за прва помош, влажни марамчиња и средство за дезинфекција на раце, вода во шише, нерасиплива храна која не е потребно да се готви и отворач за конзерви. Домаќинствата со бебиња, според препораките на британската влада, би требало дополнително да обезбедат пелени и формула за доенчиња.
Професорката предупредува: резервите имаат смисла, но владата има поголема одговорност
Професорката Робинсон се согласи дека има смисла однапред да се снабдиме со храна и вода поради можните последици од силниот Ел Нињо.
– Општо земено, има смисла домаќинствата кои можат да си го дозволат тоа да имаат дома резерви од нерасиплива храна и вода за една или две недели, во случај на каков било проблем со снабдувањето со храна, било да станува збор за пандемија, конфликт или временски шок каков што би можел да биде предизвикан од засилувањето на Ел Нињо – рече таа за „Дејли мејл“.
Но, истовремено предупреди дека одговорноста не може да биде префрлена исклучиво на граѓаните. „Владата не може да ја занемари својата одговорност да ја обезбеди отпорноста на целата земја на шокови кои влијаат врз пристапот до храна“, истакна таа.
Професорката Робинсон предупреди и на потенцијалните последици од Ел Нињо врз цените на храната. Според неа, британскиот пазар во голема мера е зависен од увозот на овошје и зеленчук. Последиците од временските екстреми во земјите како Шпанија и Северна Африка веќе покажаа дека неповолните услови можат да доведат до недостиг и повисоки цени.