СДСМ ја нарече фашистичка „талог“ кампањата на Мицкоски на Денот на независноста
Исто како на Илинден, наместо единство и прослава на државноста, вчера, на Денот на независноста Мицкоски ја продолжи кампањата „талог“, ги продолжи навредите и поделбите на граѓаните, ја коментира СДСМ вчерашната прослава за независноста во земјата.
„Нема ништо државничко кај Мицкоски, ниту пак има чувство за значењето на 8 Септември – за Денот на независноста. Операцијата „Талог“ и сеењето омраза којашто Мицкоски ја спроведува е класична фашистичка кампања по моделот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од нашата историја.
Прво забранија да се зборува за мигрантите. Изгласаа декрет во Собранието по теркот на Хитлер.Во Ново Село нападнаа деца поради транспарент со предупредување за отруената вода во Гостивар. Повикаа советник на СДСМ од Кавадарци во полициска станица поради Фејсбук статус за незадоволството на лозарите“, оценува СДСМ тврдејќи дека оваа форма на кампања Мицкоски ја тера само затоа што нема ниту еден резултат зад себе, во ниту една област.
„Мицкоски веќе изгуби повеќе од 150 илјади гласови, сега следува уште поголем пад на неговиот личен рејтинг. Патриотските теми веќе не поминуваат – сите се прочитани.
Кога нема резултати зад себе, кога сите негови лаги се прочитани, само уште тоа му остана на Мицкоски, поделби и сеење омраза“, порачуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со порака дека премиерот никаде во својот говор не ги споменал ниту ги нарекол СДСМ и Венко Филипче за талог во општеството.
„Очигледно сами си се препознаа. Но, тоа е фројдовскиот синдром кај СДС затоа што и тие знаат дека се фабрика за нихилизам, и поделби, кои дури и од прославата за 8-ми септември сакаат да направат поделби и расеат омраза. Нивните фрустрации и завист се на најголемо и највисоко ниво. И затоа воопшто не сме изненадени што самите се пронајдоа во терминот талог“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.