ЛДП: Усти полни со патриотизам, но за кои држави?
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, со јавно објавен заверен нотарски акт побара и останатите колеги-пратеници да докажат дека и тие како неа, поседуваат само македонско државјанство.
До денеска, освен Зајкова, сите други пратеници сметаат дека нема потреба од јавно докажување на лојалноста, верноста и љубовта кон државата, истата од која секој месец земаат плата и користат разни бенефиции.
„Во таа насока, ЛДП повторно бара од пратениците час поскоро да ги донесат измените со кои ќе се ограничи правото за поседување на две државјанства на пратениците, но и на министрите, директорите, јавните обвинители, судиите и другите функционери.
Нема потреба од половични решенија, „ќе важи за овој мандат, ќе важи за другиот мандат“, „ќе важи за едните, ама нема да важи за другите“.
Воедно, предлагачите на законот исто така да побараат сите актуелни носители на функција да ги достават на увид нивните досиеја и сите што поседуваат двојно државјанство, да се откажат од второто или во истиот момент да си поднесат оставка.
Сѐ останато е купување на време и замајување на јавноста, но и отвара сериозни сомнежи за тоа дали извршителите на државните функции вистински ги штитат интересите на Македонија, или пак на некоја друга држава“ е ставот на ЛДП.