Сулејмани во Археолошкиот музеј: 35 години независност, 35 предмети кои се наша заедничка приказна


Триесет и пет годишнината од независноста е повод да се осврнеме на изминатиот пат, но и да одговориме каква држава сакаме да изградиме во следните децении, изјави денеска министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, на свеченоста „35 години независност – илјадници години приказни“, која по повод 8 Септември – Денот на независноста се одржа во Националниот археолошки музеј .

На настанот, како што соопшти Министерството за култура и туризам, се обратија и премиерот Христијан Мицкоски и директорката на Музејот, Магдалена Манаскова.

-Оваа земја е наш заеднички дом, во кој сите заедници имаат право да го чуваат, развиваат и споделуваат својот културен идентитет. Различноста е богатство, а мултикултурноста е нашиот најголем демократски потенцијал – порача Сулејмани.

Тој нагласи дека предизвикот на оваа генерација е да изгради држава во која никој нема да се чувствува туѓ, младите ќе ја гледаат својата иднина овде, а секој граѓанин ќе може со гордост да каже: „Македонија е и моја земја“.

Во рамките на свеченоста беа претставени 35 предмети од постојаната поставка на музејот, преку кои археолошкото и културното наследство се доближува до пошироката јавност.