„Туркиш ерлајнс“ нов спонзор на Ливерпул


 Англискиот фудбалски прволигаш Ливерпул и турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ потпишаа петгодишен договор за партнерство, што ќе стапи на сила од 1 јуни 2027 година.
Договорот ќе означи промена на генерален спонзор на дресовите на Ливерпул, за прв пат од 2010 година, кога клубот го објави почетокот на партнерството со финансиската компанија „Стандард Чартерд“.
Британските медиуми јавија денеска дека договорот со „Туркиш ерлајнс“ е во вредност од речиси 300 милиони фунти.
„Предната страна на дресовите на Ливерпул има посебно место во историјата на нашиот клуб. „Туркиш ерлајнс“ е глобално призната компанија со широка мрежа. Со нетрпение го очекуваме почетокот на ова партнерство и се надеваме дека ќе изградиме силна врска, градејќи врз спомените од трофејот од Лигата на шампионите во 2005 година“, изјави комерцијалниот директор на Ливерпул, Бен Лати.
„Туркиш ерлајнс“ е официјален партнер на Лигата на шампионите и спонзор на турската фудбалска репрезентација.