Уште едно разочарување за Ѓоковиќ
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, 12-тиот светски играч, неочекувано со пораз во осминафиналето го заврши настапот на АТП турнирот во Базел. Тој беше поразен од Германецот Јан-Ленард Штруф, 47-ми на АТП ранг-листата, потврдувајќи дека во моментов не е во препознатлива форма.
Германскиот тенисер победи со 2:1 во сетови по два часа и 37 минути игра. Штруф одигра одличен натпревар во кој постигна 46 директни поени. Иако и Ѓоковиќ одигра солиден натпревар, тој не ги искористи клучните прилики и ги пропушти сите шест брејк топки што ги имаше.
Првиот сет Ѓоковиќ го доби во тај-брејк со 7:6, но Штруф израмни добивајќи го вториот сет со 7:5. Одлуката падна во тај-брејкот од третиот сет, во кој повторно беше поуспешен германскиот играч. Штруф во четврт-финалето ќе игра против Португалецот Борхес. Ова е втор ран пораз во низа за Ѓоковиќ. Неодамна беше елиминиран во првото коло на турнирот во Шангај каде беше поразен од Хуберт Хуркач.