Судењето за „Лотарија“ одложено за в петок, Груби не се чувствува виновен


Поранешниот вицепремиер Артан Груби не се чувствува виновен за кривичното дело за кое денес се одржа рочиште по вторпат. Пи проверката на личните податоци груби исто така рече дека моментално е невработен, по што се насмеја.

Виновен не се чувствува ниту поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, но и другите четворица обвинети кои биле членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија. Последниот обвинет Башким Авди не се изјасни за вина, бидејќи сака да го добие обвинението и доказите на албански јазик, па рочиштето се одложи.

Судијката ги праша и обвинетиот и адвокатот зошто две недели не беше побарано да се преведе обвинението за да не се одлага постапката, со оглед дека станува збор за притворски предмет, по што Авди рече дека не ги знаел законските права, но очекувал да му стигне на албански јазик. Адвокатот Асмир Алиспаиќ пак рече дека бил непосредно ангажиран од обвинетиот на 24 август. Обвинителот Александар Давчевски ова го нарече обид за злоупотреба на правото на обвинетиот.

-Неспорно е дека обвинетиот има право на употреба на мајчиниот јазик, но дека се работи за обид на злоупотреба на ова право, говори фактот што на обвинетиот на претходното рочиште му беа дадени преку преведувач на неговиот мајчин јазик сите поуки. Воедно тој имаше ангажирано бранител и задолжението на судот во однос на било какви барања за доказен материјал. Дури сега во делот за произнесување на вина, се истакнува вакво барање. Секако дека му следи превод од обвинението како и пишан материјал што е од значење на постапката, но во однос на пишаниот доказен материјал ова е уредено во ЗКП односно во однос на исправи и друг пишан доказен материјал се обезбедува преку усно преведување – рече Давчевски.

За адвокатот пак ова обвинување е некоректно и се повика на правото на употреба на мајчиниот албански јазик во судските постапки. Судијката која го води процесот по скратена постапка, Билјана Шуплиновска Јовевски немаше друг избор освен да го одложи судењето за во петок. Таа апелираше да не се одолговлекува судењето бидејќи сите обвинети се со мерки.

Претходно беше донесено решение на поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, ќе му се суди во отсуство. Вакво решение донесе судијката на предлог на Јавното обвинителство, бидејќи Бајрами се уште е во бегство и се уште е недостапен за органите на прогонот, а ќе го застапува адвокат кој го ангажирала неговата сестра Вјолца Бајрами.

Јавното обвинителство го читаше Обвинителниот предлог и за што точно ги товари обвинетите. Она што е ново е што Обвинителството направи допрецизирање на обвинението кое произлегло од вештачењето, па наместо за штета од околу 8,2 милиони евра или 507.632.173 денари, сега обвинетите се товарат за штета од околу 9,7 милиони евра односно 596.125. 511 денари.Тие се товарат за нелегална набавка на коцкарски машини, што според обвинителството, незаконски било одобрено на владина седница со која претседавал Груби.