Дурмиши со министерот за труд на Катар, Ал Марри, потпиша Меморандум за институционална соработка во областа на трудот
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во Клубот на пратениците оствари билатерална средба со министерот за труд на Државата Катар, Н.Е. д-р Али бин Самих Ал Марри, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, предводејќи висока владина делегација.
Во рамки на средбата, министрите потпишаа Меморандум за соработка во областа на трудот меѓу Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија и Министерството за труд на Државата Катар, со кој се воспоставува институционална рамка за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и размена на искуства во областа на трудот.
Меморандумот предвидува соработка во повеќе области од заеднички интерес, меѓу кои размена на искуства, студиски посети и добри практики во сферата на работните односи, инспекцијата на трудот, безбедноста и здравјето при работа, како и размена на мислења и експертиза при унапредувањето на законодавството во областа на трудот. Документот предвидува и формирање Заеднички комитет кој ќе ја координира реализацијата на договорените активности и ќе работи на подготовка на идни програми за соработка.
На билатералната средба министрите разговараа за можностите за натамошно унапредување на економската и институционалната соработка меѓу двете земји, развојот на пазарот на труд, размената на експертиза, како и за јакнење на партнерството во области од заемен интерес.
„Потпишувањето на овој Меморандум претставува значаен чекор во продлабочувањето на односите меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар. Преку институционална соработка, размена на знаење и добри практики ќе придонесеме кон понатамошно унапредување на политиките на пазарот на труд, подобрување на условите за работа и зајакнување на капацитетите на нашите институции. Убеден сум дека ова партнерство ќе отвори нови можности за соработка и ќе донесе конкретни придобивки за двете земји“, изјави министерот Дурмиши.
Посетата на катарската делегација и потпишувањето на Меморандумот претставуваат потврда на заедничката определба за натамошно зајакнување на билатералните односи и развој на партнерство засновано на взаемна доверба, соработка и размена на искуства во областа на трудот, во согласност со законодавството на двете држави.