Дебата за 8 Септември: Партизаните не смее да се заборават, рече Петар Гошев


 

Асномскиот завет вели – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме, истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“.

Според претседателката Сиљановска Давкова, држава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право.

„По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години беа Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдурахман Алити… кои успеаја од тој виор на војната со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно. Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години да изградите функционална демократија. Таа не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право“, нагласи Сиљановска-Давкова.

На панел-дискусијата учествуваат поранешни пратеници, министри и други јавни личности.

Според поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов, во првите денови од периодот на независноста голема улога одигра високата политичка свест на правите парламентарци.

„Јас се гордеам со овие херои на независноста и им благодарам за она што го направија за Македонија. Гледајќи ја реалната опасност од распаѓање во тие тешки моменти, ние уште првиот и вториот ден донесовме Декларација за независност на Република Македонија“, потсети Арнаудов.

Поранешниот пратеник Насер Зибери посочи дека релацијата меѓу правата и лојалноста е секогаш клучна за стабилноста и просперитетот на една земја, и според него во тој период имало недостаток и од едниот и од другиот елемент.

„Сето тоа создаваше кризни периоди кои во одредени моменти знаеја да ескалираат и да ги доведат во прашање и крупните одлуки, меѓу кои и референдумот за независност, односно учеството на Албанците на тој референдум. Да не бидам погрешно сфатен, додаде Зибери, тогашните претставници на Албанците, кои беа олицетворени во Партијата за демократски просперитет, беа меѓу првите што се залагаа за независност, самостојност и сувереност на Република Македонија, имајќи го предвид она што се случуваше во Белград и во тогашна Југославија“, рече Зибери.

Петар Гошев, кој во тоа време беше лидер на СКМ-ПДП и директен учесник во настаните кога се распаѓаше Југославија, истакна дека кога станува збор за празниците, има своја градација на нивното значење.

„Бидејќи денес тука има и млади луѓе, а политичарите честопати зборуваат од перспектива на сопствените биографии и понекогаш ги нагласуваат сопствените улоги, се случува 8 Септември 1991 година да биде претставуван како поважен од 2 Август 1944 година. Но македонската држава постои од АСНОМ. Тој празник е број еден, без разлика дали јас или некој друг учествувал во настаните што следеа подоцна. Македонија се конституира како држава со АСНОМ и со победата над фашизмот. За среќа или несреќа, како што некој би рекол, тогашното раководство, со сите свои слабости и грешки, ја избра вистинската страна во Втората светска војна и се приклучи на силите што го признавале правото на самоопределување на народите. Не смее да се уништува споменот на луѓето кои учествуваа во антифашистичката борба, ниту да се рехабилитираат соработници на фашизмот и разни неофашистички идеи. Тоа не смее да го дозволи овој народ и мора подобро да ја познава својата историја. Не треба самите да си ја скратуваме историјата или да ја релативизираме преку политички интерпретации и хиперболизирање на поединечни настани. Без разлика колку е долга или кратка во споредба со историите на други народи, тоа е нашата историја и треба да ја почитуваме“, нагласи Петар Гошев на панел-дискусијата.

Во дебатата учествуваат и Благој Ханџиски, Туше Гошев, Ѓулистана Марковска, Тодор Петров.