Приведен возачот на генералниот секретар на Владата, под сомнение за примање мито, реакции на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ


Возачот на генералниот секретар на Владата на Мицкоски, Игор Јанушев бил приведен под сомнение дека барал мито – наведува СДСМ во соопштение. За опозициската партија тоа покажува дека „сите земаат мито, дури и возачите на владата“.

„Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди, цела Влада ќе беше уапсена. Вака, дел од полицијата си ја врши својата работа, но исто како и за бодигардот на Мицкоски, на крај сите ќе бидат ослободени со повик на телефон“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Според СДСМ, овој скандал отвора и прашања за тоа каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито.

Од владејаќката ВМРО-ДПМНЕ во контрареакција,, преку соопштение велат дека „колегите од СДС очигледно ги помешале лончињата“, па кога ќе се апсат митаџии и криминалци тие сакаат таа слика да ја претстават за сите. 

„Уапсениот вработен се обидел да земе мито, и веднаш бил обработен од МВР, дадени бележани пари и сега е зад решетки и се води постапка за него. Да беше во време на СДС немаше ништо од ова да се знае, затоа што никој немаше да биде санкциониран, а тие пари одамна ќе легнеа кај некој од главешините на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, низ овој и многу други примери се гледа дека има правна држава и дека владее законот за сите.