ЛДП обвинува дека власта менува закони за да бидат по мерка на партиските фаворити


Поминаа пет денови, а ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не дава одговор за злоупотребата на скратената постапка, во која Собранието се користи како брза лента за штанцање системски „ad hominem“ закони со кои се намалуваат критериуми и се бришат услови за да му се погоди на еден партиски фаворит, порачува ЛДП во денешната реакција.

-Владејачките“ мислат дека народот страда од амнезија и заборави што зборуваа на митинзи додека беа во опозиција и во изборните кампањи. Сѐ она што од опозиција го критикуваа, како „партиски инженеринг“, „закони скроени по мерка на поединци“ и деградација на институциите, денес без срам го прават, усовршено до сопствен минимум на достоинство.

Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да кажат зошто се бришат специфични услови и критериуми во Законот за извршување на санкции, но и зошто се заобиколуваат сите системски филтри и законот наместо Владата, да го поднесе група пратеници, без објава на ЕНЕР, без 20 дена за јавна расправа и свесно избегнување на Проценката на влијанието на регулативата (ПРИ).

Пратениците во Собранието оваа недела имаат вистинска шанса, наместо да гласаат скроени по мерка закони со кои ќе се нанесе непоправлива штета на институциите, да ги усвојат законите со кои ќе се укинат двојните државјанства на сите функционери, пратеници, министри, директори, јавни обвинители и судии.
ЛДП бара наместо брзоплето носење на Законот за Пандов, конечно да се ограничи поседувањето на повеќе државјанства на функционерите и да покажат дека навистина се грижат за иднината и за доброто на граѓаните во државата.Сѐ останато е остварување на лични и теснопартиски интереси, без обѕир кон граѓаните, кои наместо резултати, должни се секојдневно да бидат „труени“ со стотици партиски соопштенија за тоа како сме „најдобри во Европа“, платени со пари од директно од нивниот џеб, порачуваат од ЛДП.