Иран најави „зона на забрана“ вон Ормуската Теснина, ќе опфаќа делови од Заливот


Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, денеска изјави дека Техеран во наредните денови ќе прогласи „зона на забрана“ вон Ормуската теснина, почнувајќи од линијата на американската поморска блокада.

Тој исто така рече дека Иран за првпат тестирал противбродски проектил против американски воен брод.

Резаи за иранската државна телевизија изјави дека „зоната на забрана“ ќе опфати делови од Персискиот Залив и оти секој брод што ќе влезе во таа зона ќе биде ставен на листата на санкции, информира Ал Џезира.

Според него, Ормуската Теснина е во целост затворена, додека изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за тоа дека протокот останува отворен ги нарече „голема лага“.

Резаи рече дека пред затворањето на протокот низ него минувале повеќе од 100 бродови кои превезувале повеќе од 100 милиони тони стока, додека сега, според неговите тврдења, низ протокот минуваат само седум или осум бродови кои превезуваат стока.

Резаи, исто така, рече дека Иран ги следи американските бродови кои се обидуваат „илегално“ да минат низ протокот и дека ги напаѓа. Според него, Иран сè уште нема донесено одлука да ги потопи бродовите кои САД се обидуваат да ги спроведат низ Ормуската Теснина, бидејќи превезуваат нафта, оценувајќи дека нивното потопување би предизвикало штета врз животната средина.

Резаи додаде дека Техеран ги заострува мерките во Ормуската Теснина и оцени дека ефектот од иранските санкции во тоа подрачје „ќе биде поголем од ефектот на проектилите“.

Резаи рече дека Иран ќе ја држи Ормуската Теснина отворена доколку САД не ја загрозуваат или напаѓаат неговата земја.

Секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран рече и дека Техеран пред 48 часа за првпат тестирал противбродски проектил против американски воен брод. Според него, американските воени бродови се повлекле по употребата на новиот тип проектил наменет за напади врз разурнувачи.