„Истибањско здравоживо“ – празник на фолклорот, традицијата и културното наследство


Со свечена атмосфера, песна, игра и богата фолклорна програма, вчера во Истибања започна 41. издание на  Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибањско здравоживо“ – фестивал кој со својата долгогодишна традиција претставува еден од најзначајните културни настани за Виница и регионот.

Пред бројната публика, фестивалот за официјално отворен го прогласи градоначалникот Митко Костадиновски, упатувајќи честитки до организаторите и учесниците и посакувајќи успешни фестивалски денови исполнети со дружење, музика и фолклор.

Со пригодни зборови до присутните се обратија и пратеничката Даниела Христова и уметничкиот директор на ФА „Китка“, Стојко Митковски, кои го истакнаа значењето на ваквите манифестации за зачувувањето и афирмацијата на традицијата и културното наследство, но и за поврзувањето на луѓето и културите.

Првата фестивалска вечер донесе интересна фолклорна програма, во која настапија ансамбли од Македонија и од регионот, презентирајќи ја раскошната традиција преку народните ора, песни и музика.

Истибањско здравоживо“, нагласуваат организаторите, и годинава ја потврдува својата улога како место каде што традицијата се пренесува од поколение на поколение, а различните култури се среќаваат преку универзалниот јазик на фолклорот. За ова доказ е бројот на учесниците – фолклорни ансамбли од дваесетина држави од Европа и светот 

Фестивалот се реализира со генерално покровителство на Општина Виница и Министерството за култура и туризам, со чија поддршка продолжува негувaњето и промовирањето на македонското културно наследство и богатата фолклорна традиција.