Холандија повлекува 86 тони злато од САД поради „геополитички тензии“


Централната банка на Холандија премести 86 тони од своите резерви на злато од САД и Канада во Лондон.

Банката како причина за преместувањето ги наведе „зголемените геополитички немири“, објавува „Гардијан“.

Холандската централна банка, „Дендерландше Банк“ (ДНБ), изјави дека во Лондон може полесно да се тргува отколку со она што е складирано во Њујорк и Отава. „Ова ѝ овозможува
на ДНБ да реагира што е можно побрзо во кризни ситуации“, се вели во соопштението на банката.

„Ја подобривме достапноста на резервите на злато. Претпоставуваме дека никогаш нема да ни треба ова злато, но сепак е потребно да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност“, рече претседателот на ДНБ, Олаф Слејпен.

Нова распределба на резервите
Холандија има вкупно 612,4 тони злато, а вредноста на овие резерви на крајот на 2025 година се проценува на 72,2 милијарди евра. Пред ова преместување, банката држеше 31,3 проценти од своето злато во Њујорк и 19,7 проценти во Отава. По преместувањето, уделот во секој од тие градови беше намален на 18,5 проценти. Во исто време, уделот на резервите во Лондон
порасна од 18,1 на 32,1 проценти. 30,8 проценти од резервите на злато сè уште се наоѓаат во самата Холандија.

Комплексна логистика на операцијата
Трансферот беше извршен преку комбинација од трансакции на купување и продажба и физички транспорт. Банката физички префрли повеќе од 27 тони злато од САД и Канада во
холандскиот град Зајст. Во исто време, еднаква количина злато беше преместена од Зајст во Лондон, со што се избегна потребата од топење на златните прачки.

„Со комбинацијата на купување и продажба и физички транспорт, ги распределивме ризиците што го придружуваат движењето на големи количини злато“, објасни ДНБ. Целата
операција беше спроведена помеѓу март и август оваа година.

Што велат аналитичарите?
Лорен Шварц, претседател на брокер за злато со седиште во Париз, вели дека централните банки преместуваат резерви веќе една деценија.

„Актуелниот политички контекст во Соединетите Американски Држави би можел да ги охрабри некои централни банки да фаворизираат други локации за складирање“, рече
Шварц.

Тој додаде дека лондонскиот пазар е најразвиен и најликвиден, што го олеснува користењето на златото во кризи.

„Централните банки таму можат полесно да го позајмуваат своето злато на други банкарски институции“.

Џон Пласард, аналитичар во приватната банка Cite Gestion, верува дека целта на холандскиот потег е да „обезбеди непосредна достапност во случај на криза“. Иако ова е изолиран случај, тој предупреди дека довербата во САД може да биде нарушена ако другите централни банки го сторат истото. На почетокот на годината, во Германија се водеше дебата за безбедноста на златните резерви што нивната централна банка ги чува во Њујорк. Сепак, Бундесбанк одлучи засега да не ги повлекува своите резерви од тој град.

„Федералниот резервен систем на Њујорк е и останува важно место за складирање на нашето злато“, изјави германската централна банка во јануари за јавната телевизија ARD.