Кои се главните трошоци на домаќинствата во ЕУ?
Речиси половина од вкупната потрошувачка на домаќинствата во Европската унија на почетокот на оваа година се однесувала на три основни категории – храна и безалкохолни пијалоци, домување, вода и енергија и транспорт, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Во јануари 2026 година, вкупно 46 отсто од потрошувачката на домаќинствата во ЕУ отишле на овие три ставки. Евростат посочува дека секоја од нив забележала значителен раст на цените барем во една од последните години, поради што одиграле важна улога во севкупниот раст на потрошувачките цени.

Податоците покажуваат и дека се менува потрошувачката структура на европските домаќинства.
Во однос на јануари минатата година, учеството на расходите за рекреација, спорт и култура е зголемено за 1,2 процентни поени, што претставува најголем раст меѓу набљудуваните категории.
Поголемо учество во потрошувачката имаа и рестораните и услугите за сместување, за 0,3 процентни поени, додека учеството на расходите за образование е зголемено за 0,1 процентен поен.
Воедно, најголемо намалување е забележано кај транспортот, чие учество во вкупните расходи на домаќинствата падна за 0,4 процентни поени. Учеството на трошоците за информации и комуникации е намалено за 0,3 процентни поени.
Податоците се дел од публикацијата на Евростат „Клучни бројки за Европа – издание за 2026 година“, која дава преглед на најновите економски, социјални и демографски трендови во Европската унија.