Димитриеска-Кочоска: Растот од 4,3 отсто е потврда за позитивниот тренд и зајакнувањето на македонската економија
Македонската економија во вториот квартал од 2026 година оствари реален раст од 4,3%, што претставува забрзување во однос на растот од 3,1% во првиот квартал годинава и е меѓу највисоките стапки на квартален раст во изминатите две и пол години, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на денешната прес-конференција на која ги презентираше последните податоци за БДП објавени од Државниот завод за статистика.
„Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6% раст во првиот квартал од 2024 година денес сме на 4,3%. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3%. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека позитивната динамика е видлива и преку споредбата на двете половини од 2024 година. Во првата половина од 2024 година економскиот раст изнесувал 2,3%, додека во втората половина забрзал на 3,6%. Во 2025 година економијата оствари реален раст од 3,5%, а позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.
Според министерката, особено значајно е што растот во вториот квартал има широка основа и е поддржан од повеќе сегменти на економијата. Бруто-инвестициите бележат силен реален раст од 16,5%, додека извозот на стоки и услуги е зголемен за 10,4%, по растот од 6,2% во првиот квартал.
Позитивни резултати се остварени и на производната страна. Градежништвото бележи раст од 21,9%, преработувачката индустрија од 4,1%, трговијата, транспортот и угостителството од 4,1%, а секторот информации и комуникации од 4,3%. Финалната потрошувачка е зголемена за 2,8%, при што потрошувачката на домаќинствата бележи раст од 3,3%.
„Денес растот од 4,3% на реална, односно 8,3% на номинална основа го остваруваме во поинакви услови – при умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици. Тоа е особено значајно за мала и отворена економија како нашата, силно поврзана со европскиот пазар. Македонската економија забрзува и покрај предизвикувачкото надворешно окружување“, рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека стапката на раст на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1,0%, како и над стапките на раст во дел од земјите од регионот.
Таа посочи дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3%, Македонија е меѓу европските земјите со повисоки стапки на раст. Повисоки стапки бележат Словенија со 5%, Данска со 4,7% и Малта со 4,5%.
„Истовремено, растот на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2% и еврозоната од 1%. И во регионот нашата стапка на раст е меѓу повисоките – над Србија со 3,8%, Бугарија со 2,5% и Хрватска со 1,7%. Овој резултат добива дополнително значење ако се погледне поширокиот економски контекст, имајќи предвид дека растот од 4,3% го остваруваме во услови на умерен раст на европската економија и предизвикувачко меѓународно окружување“, рече министерката за финансии.

Продолжувањето на позитивните движења, како што истакна, го потврдуваат и високофреквентните показатели. Индустриското производство во вториот квартал бележи просечен раст од околу 4%, а нискоградбата просечен раст од 53,5%. Позитивната динамика продолжува и во јули, кога индустриското производство е зголемено за 1,3% на годишно ниво, а преработувачката индустрија за 3,4%.
Паралелно со забрзувањето на економската активност, се бележи и значително смирување на инфлацијата. Годишната стапка на инфлација од 4,8% во мај се намали на 3,4% во јуни и на 2,3% во јули, односно за 2,5 процентни поени за само два месеца.
Димитриеска-Кочоска истакна дека политиките на Владата и Министерството за финансии и натаму ќе бидат насочени кон создавање услови за повисок и одржлив економски раст, реализација на капиталните проекти, поддршка на приватниот сектор и инвестициите, подобрување на деловното окружување и одговорно управување со јавните финансии.
Целта, како што нагласи министерката, е позитивните економски резултати да се преточат во повисок животен стандард за граѓаните, повеќе можности за компаниите, нови инвестиции и посилна и поконкурентна македонска економија.