„Галимар“ по две збирки раскази го објави и првиот роман на Румена Бужаровска, „Тони“
|
Угледната француска издавачка куќа „Галимар“ денес го објави првиот роман на писателката Румена Бужаровска, „Тони“. По збирките раскази „Мојот маж“ (2022) и „Не одам никаде“ (2025), ова е трето дело на Бужаровска што е препознаено и објавено од „Галимар“, издавачка куќа основана во 1911 г., во Париз, која се вбројува меѓу најпрестижните и најетаблираните во светот како издавач на квалитетна европска литература. Радиото „Франс култур“ ја опиша Бужаровска како писателка која ги „крши сите табуа со беспоштеден хумор“. Годинава „Тони“ беше преведен и објавен и на шпански јазик од издавачката куќа „Едиторијал импедимента“ од Мадрид, по што шпанската критика се огласи со неколку рецензии. Во една од нив критичарот Цезар Суарез вели дека со „Тони“, Бужаровска претставува искривено огледало и за мажите и за жените. Притоа, тој го споредува книжевниот лик Тони со Хамберт Хамберт во „Лолита“, со Том Рипли од Патриша Хајсмит и со Патрик Бејтман од „Американски психопат“. Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Тој е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Романот во Македонија излезе од печат во 2024 година и веднаш потоа ги освои и читателите во Србија („Бука“, 2025), Хрватска („Фрактура“, 2025), Црна Гора („Нова књига“, 2025) и Босна и Херцеговина („Бука“, 2025). Претстојниот октомври ќе излезе од печат и во Албанија, а во текот на следната година романот ќе биде објавен и во Португалија, во САД и во Грција. „Тони“ на македонски јазик досега доживеа четири изданија. |