СДСМ повторно ќе предложи минимална плата од 36.000 денари

Опозициската партија ќе предложи и субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата


 

 СДСМ повторно ќе поднесе законско решение за зголемување на минималната плата на 36.000 денари, односно 600 евра, а ќе предложи и субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата што произлегува од зголемувањето на платата, најави претседателот на партијата и пратеник Венко Филипче на денешната прес-конференција во Собранието.

Филипче рече дека предлогот доаѓа поради сè потешката економска состојба на граѓаните и зголемените трошоци со кои се соочуваат домаќинствата.

„Имајќи ја предвид ситуацијата, стандардот на граѓаните, имајќи ги предвид секојдневните повици и комуникации што ги имаме со граѓаните, ние повторно во Собранието ќе го поднесеме Законот за зголемување на минималната плата. Бараме минималната плата да се качи на 36.000 денари, односно 600 евра, со што барем некако ќе закрепнат граѓаните, стандардот ќе им се подобри и ќе може да се консолидираат семејните буџети во пресрет на тешките есенски месеци кога ќе се зголемат сметките за струја, дополнително и сметките за греење“,- изјави Филипче.

Тој додаде дека во законското решение ќе биде опфатена и мерка за поддршка на приватниот сектор и ќе биде предложена на почетокот на следната недела.

„Уште една мерка е субвенција на придонесите за приватните компании за разликата на придонесите во однос на зголемувањето на минималната плата, да им се помогне и на компаниите и да не им биде дополнителен товар во оваа тешка ситуација, знаејќи колку должи државата и во однос на повратот на ДДВ. Огромен број компании остануваат неликвидни, земаат кредити што веќе не можат да ги вратат и почнуваат да затвораат“, рече претседателот на СДСМ.

Одговарајќи на новинарско прашање за изворите на средства за ваквото решение, Филипче рече дека парите можат да се обезбедат преку намалување на, како што оцени, непродуктивни буџетски трошоци.

Филипче упати критики и за економските политики на Владата, тврдејќи дека државата се соочува со континуирано зголемување на задолжувањето.

Тој побара одговор од премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска зошто, според него, во официјалните податоци за јавниот долг не е прикажан долгот на Јавното претпријатие за државни патишта.

„Зошто во официјалните податоци за јавниот долг се крие долгот од 350 милиони евра на ЈПДП, за кој гарантира Владата? Зошто тој долг го нема во официјалните табели? Понатаму, бараме двајцата да одговорат и зошто новото задолжување, кое беше најавено и усвоено како потреба на владината седница на 31 август, не беше предвидено во ребалансот и дали со тоа планираат да го прекршат Законот за буџетите“, рече тој.