Уапсен капетанот и екипажот на потонатиот ферибот во близина на Северен Кипар
Капетанот и седум членови на екипажот на потонатиот ферибот во близина на Северен Кипар се уапсени, изјави премиерот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Унел Устал.
Тој истакна дека „ќе бидат истражени сите аспекти на инцидентот“ и оти никој нема да биде поштеден од одговорност.
Според најновите информации при превртувањето на фериботот „Фило џет“ бројот на жртвите се искачи на девет, 237 лица се спасени, а сè уште се трага по 23 луѓе. Меѓу повредените има три деца, кои се на интензивна нега, но не се во животна опасност.
Откако фериботот почнал да тоне некои од патниците скокнале во морето, додека другите ги чекале спасувачите на превртениот брод.
Фериботот по превртувањето во близина на брегот на Северен Кипар потона на длабочина од 514 метри.
По несреќата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган истакна дека Турција ги мобилизирала сите свои ресурси во потрага по исчезнатите лица.
Помош во потрагата и спасувачките операции понуди и Република Кипар. Портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис на Икс објави дека „во еден ваков момент, заштитата на човечкиот живот е над сè“.
Траектот пловел од пристаништето Киренија, познато и како Гирне, до турското пристаниште Ташугу во покраината Мерсин и почнал да се полни со вода на околу 7,5 километри од брегот, а засега непознати се причините за несреќата.
На социјалните мрежи се појави снимка од моментите пред превртувањето на фериботот на која се гледа паниката меѓу патниците кои се борат за елеци за спасување, како и плачење на деца. Меѓу повредените има и три деца кои се на интензивна нега. Според досегашните информации, нивните животи не се во опасност. Бродот во меѓувреме целосно потонал на длабочина од 514 метри, што значително ја отежнува потрагата по исчезнатите.
Во големата спасувачка операција учествуваат кипарско-турските и турските служби, хеликоптери и голем број пловила.