„Дистанцата од политика ми дава слобода“: Ексклузивно интервју со Емин Алпер, добитник на „Сребрена мечка“ на Берлинале

Историјата прашува „што се случило?“, додека филмот прашува „какво е чувството и зошто тоа постојано се повторува?“


Фото: Б. Грданоски

Доаѓањето во Скопје на филмскиот уметник од Турција, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма, Емин Алпер (52) во зенитот на својата слава, откако пред само неколку месеци со својот најнов ремек-дело филм „Спасение“ (Kurtuluş) буквално ја покори филмска Европа и ја понесе престижната „Сребрена мечка“ (Награда од големото жири) на Берлинскиот филмски фестивал, без сомнение се вбројува меѓу најважните културни настани кај нас во последниве години. Турските филмови имаа годинава двоен триумф на политички наелектризираната церемонија во Берлин, со Вим Вендерс како претседател на жирито, со освоените Златна и Сребрена мечка. „Златната мечка“ ја доби турскиот филм „Жолти писма“ на Илкер Чатак, авторот кој ја одушеви берлинската публика и пред две години со својот филм „Наставничка канцеларија“, подоцна номиниран за „Оскар“.

Фото: Б. Грданоски

Алпер, родум од околината на Коња, кој живее во Истанбул и предава на Техничкиот универзитет, дојде за прв пат во Скопје, како лауреат на МФФ Киненова 2026, и воедно претседател на жирито, заедно со неговиот близок соработник и монтажер, Озџан Вардар кој има потекло од Македонија. Македонската публика го видe неговиот прв филм „Зад ридот“, бидејќи „Киненова“ е фестивал на дебитантски филмови. Тој денес на ФДУ ќе одржи мастерклас.

Од неговиот прв независен краток филм „Писмо“ во 2005 и по 20 години тој не престанува да потсетува на оние другите, невидливите, заборавените и замолчените во својата земја. Користејќи го често режисерскиот концепт на филмовите од Црниот бран, тој осаменоста ја претвора во предност, неугледноста во доблест, презирот во наследство. Со своите филмови „Зад ридот“ (2012), „Френзи“ (2015), „Пеколни денови“ (2019), „ Приказната на трите сестри“ (2022) бил наградуван и славен на голем број меѓународни филмски фестивали.

За време на неговото четиридневно гостување на „Киненова“,  со турскиот наградуван режисер, ексклузивно за „Независен“ разговаравме за стравот од Другиот, цензурата, насилството и за тоа зошто приказните што ги раскажува денес  се можеби повознемирувачки од кога било.

Фото: Б. Грданоски

Пред повеќе од една деценија во вашиот дебитантски филм „Зад ридот“ невидливиот непријател  станува средство преку кое едно семејство се обединува. Ѝ денес делува неверојатно актуелно. Во филмот еден невидлив непријател постепено станува реалност преку стравот и приказните на луѓето. Кога го снимавте филмот, дали повеќе размислувавте  за механизмот на создавање непријател или за човечката потреба да верува во него?

Искрено, сметам дека тие две работи се нераздвојни, а токму тоа ми беше интересно. Кога почнав, приказната беше само за семејна средба од моето детство – мажи што минуваат време заедно во планините. Дури подоцна се појавија номадите и дедото, па приказната прерасна во нешто потаинствено. Сакав публиката постојано да се прашува: дали номадите навистина постојат, дали се вистинска закана? На Фаик му се потребни. Надворешниот непријател ги објаснува неговите неуспеси, го одржува семејството на куп и му дава авторитет. Значи, механизмот функционира само затоа што постои потреба. Не мора да се измислува непријател од ништо; доволно е само да им се понуди на луѓето непријателот што веќе го очекуваат.

 

Од „ Зад ридот“ до „Пеколни денови“ и „Спасение“  се повторуваат стравот, паранојата, насилството и создавањето на Другиот. По четири филма, што мислите дека ве привлекува толку силно кон овие теми? Дали се обидувате да разберете нешто што се уште не сте успеале да го разберете?

Да, мислам дека сè уште се обидувам да разберам одредени работи. Конкретно со „Спасение“, сакав да го разберам начинот на размислување на сторителите: како обичните луѓе, соседите, стануваат способни за ужасни злосторства. Историјата е полна со такви приказни, а за жал, таква е и сегашноста. Она кон што постојано се враќам е сознанието дека станува збор за маѓепсан круг. Изолацијата раѓа заблуди, а заблудите ја продлабочуваат изолацијата. Секој филм му пристапува на ова прашање од различен агол: преку семејството, државата, градот, а сега и преку верската заедница. Не верувам дека некогаш целосно ќе го разберам тоа, но не можам да престанам да барам одговори.

 

Вашите филмови се длабоко политички, но ретко изгледаат како класични политички филмови. Почесто користите трилер, вестерн, хорор или црна комедија. Дали жанрот ви овозможува да кажете нешта кои би биле невможно да се кажат преку  директна политичка драма?

Жанрот ми овозможува дистанца, а дистанцата ми дава слобода. Ако снимав реалистична драма за некој конкретен настан, дискусијата веднаш ќе се фокусираше на самиот настан: кој е во право, кој е виновен. Кога местото е донекаде неодредено, кога границата меѓу соништата и реалноста се замаглува, публиката престанува да бара приказна како од весник и почнува да го набљудува механизмот. Освен тоа, едноставно ги сакам тие филмови. Ги сакам филмовите што наликуваат на трескавични соништа, вестерните, ноарот. За мене, „Пеколни денови“ (Burning Days) беше речиси американски филм; мали, корумпирани градови има насекаде. Жанрот не е маска; тој е начинот на кој приказната ми делува вистинито.

Фото: Б. Грданоски

Во „Пеколни денови“ отворено се занимавате со корупцијата, хомофобијата, политичкииот притисок и механизмите на моќта. Како режисер кој работи во Турција, каде за вас завршува внимателноста, а започнува самоцензурата?

Се трудам да не си го поставувам тоа прашање додека пишувам, бидејќи штом ќе почнеш, веќе си изгубил нешто. Секако, свесен сум за општествената клима. Директните забрани се ретки во Турција, иако се случуваат; притисокот е повеќе индиректен. За „Salvation“ не успеавме да обезбедиме јавни средства, а за „Burning Days“ Министерството ја повлече својата поддршка. Тоа е цената, и повеќе би сакал да ја платам неа отколку да снимам филм во кој не верувам. Вистинската опасност не е цензорот во Министерството, туку цензорот што полека го развивате во самите себе. Токму против него се обидувам да се борам.

 

Вие сте историчар по образование и имате докторат по современа турска историја. Колку историчарот во вас му помага на режисерот, а колку понекогаш му пречи? Дали знаењето на историјата понекогаш мора да се заборави за да се дојде до филмска,  а не само историска вистина?

Историчарот во мене ми помага да ги согледам обрасците: како се организира стравот, како лидерите го користат и како овие приказни се повторуваат. „Salvation“ настана врз основа на вистински масакр од 2009 година, а историчарот во мене сакаше да го разбере тој настан. Но, во одреден момент, историчарот мора да се повлече. Историјата прашува „што се случило?“, додека филмот прашува „какво е чувството и зошто тоа постојано се повторува?“. Ако останев верен на фактите, ќе снимав документарен филм. Затоа, го земам настанот, заборавам некои од неговите детали и му дозволувам да прерасне во парабола. Во таа смисла – да, понекогаш мора малку да се заборави историјата за да се допре до некоја подлабока вистина за луѓето.

 

Вашите приказни се длабоко вкоренети во Турција, но истовремено се разбирливи и во општества кои се многу далеку од Турција. Кога правите политички филм,  дали повеќе сакате гледачот да ја препознае конкретната политичка реалност или да се препознае себе си во неа?

И двете, но на крајот – самите себеси. Дејството на моите филмови се одвива во Турција, на места што добро ги познавам, па турската публика во нив ќе препознае многу конкретни нешта. Но, никогаш не сакам филмот да остане само на тоа ниво. „Спасение“ се заснова на вистински масакр што се случи во Турција во 2009 година, но решив да го напишам дури години подоцна, кога видов дека не само мојата земја, туку и целиот свет се движи кон авторитаризам. Во тој момент, приказната за мене веќе не беше локална; механизмот „ние против нив“ функционира исто насекаде. Така што, ако гледачот во Берлин или Париз излезе од киносалата размислувајќи само „кутрата Турција“, тогаш не сум успеал. Сакам да размислуваат вака: ова може да се случи и овде.

 

Во Берлин оваа година „Спасение“ освои Сребрена мечка – големата награда на жирито. По толку години работи со теми како стравот, и колективното насилство – дали ваквото меѓународно признание  ви донесе поголема слобода – или, напротив, имате чувство дека сега имате уште поголема одговорност  како автор?

Одредена слобода, во практична смисла. Станува малку полесно да се најдат партнери и средства, што е важно бидејќи најголемиот предизвик кај секој филм се парите и времето. Но, пред сè, чувствувам одговорност – и тоа не само како автор. Наградата ти дава можност да проговориш пред јавноста, а јас почувствував дека морам да ја искористам таа можност – за Газа, за Иран, за Курдите, за мојата пријателка Чигдем, која со години е во затвор. Што се однесува до филмовите, се надевам дека наградата нема ништо да промени. Следниот филм ќе започне на истиот начин: со приказна за која не престанувам да размислувам.