На Водно горел автобус, а не шума


На Водно немало шумски пожар туку  темниот чад штосе појави потекнувал од двокатен автобус број 25, поточно од горниот кат на возилото кој се опожарил.Автобусот се запалил веднаш штом ги оставил патниците по што возачот го оддалечил автобусот од шумата, а пожарот е веќе изгаснат и нема повредени.

-Нема жртви. На лице место сум, саниран е автобусот, се е изгасено. Само што тргнал возачот надолу откако ги оставил патниците и автобусот се запалил. Возачот го дислоцирал подалеку од шумата за да не дојде до пожар на шумата. Горниот спрат е целосно изгорен, двокатен е автобусот. Долу моторот е здрав. Полицијата е на терен со пожарната- изјави за Слободен Печат директорот на ЈСП, Сашо Илиевски.

Командирот на Бригадата за противпожарна заштита (ППЗ) на Град Скопје Ѕвонко Томевски извести дека се интервенирало со две возила и дека пожарот е успешно изгаснат. Во однос на причините за овој настан, Томевски накусо одговори дека со нив ќе се занимава полицијата.

-Интервенирано е со две возила и седум пожарникари, автобусот е изгаснат. Нема повредени патници и возачот е во добра состојба. Причините зошто автобусот се запалил ќе ги утврдува полицијата- изјави за Слободен печат командирот Ѕвонко Томевски.