Бесплатен училишен прибор за сите првачиња во Крива Паланка
Со грижа за најмладите и поддршка за нивниот прв училиштен чекор, и оваа година за сите првачиња во Општина Крива Паланка е обезбеден бесплатен училиштен прибор, благодарение на успешната соработка со реномираната и општествено одговорна компанија „Таргет“.

Донацијата, која традиционално се реализира петта година по ред, е наменета за најмладите ученици кои за неколку дена за првпат ќе седнат во училишните клупи и ќе го започнат своето ново животно поглавје.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ја прими донацијата и упати благодарност до компанијата „Таргет“ за континуираната поддршка и општествената одговорност што ја покажува кон локалната заедница.

„Првиот училиштен ден е посебен момент за секое дете и секое семејство. Затоа ни е особено драго што петта година по ред ја продолжуваме оваа убава традиција и на нашите првачиња им обезбедуваме поддршка за нивниот прв чекор во светот на знаењето. Благодарност до компанијата ‘Таргет’ што повторно ја препозна важноста на вложувањето во најмладите. Кога вложуваме во децата, вложуваме во иднината на Крива Паланка“, истакна градоначалникот Митовски.

Обезбедениот училиштен прибор ќе биде наменет за сите првачиња од основните училишта на територијата на општината, како мал, но значаен придонес за поубав и порадосен почеток на нивното образование.
Општина Крива Паланка продолжува со активности и партнерства насочени кон поддршка на децата и семејствата, создавајќи услови во кои најмладите ќе растат, учат и напредуваат со еднакви можности.
На сите првачиња им посакуваме среќен почеток, многу нови знаења, другарства и безброј насмевки во нивното прво училишно поглавје.