За пет години СДСМ во Битола изгубил 15 илјади гласачи
Сега се бара вршител на должност да ја води партијата. Во извештајот за конгресот Битола е наведена како лош пример за дејствување на локалната организација
БИТОЛА – Пет години наназад СДСМ во Битола тоне во освоени гласови. Лоши резултати за Битола се презентирани на Конгресот на партијата што се одржа овој викенд. Всушност ОО на СДСМ Битола покажува голем пад на гласачкото тело за близу 15.000 гласачи, стои во извештајот на Централниот изборен штаб (ЦИШ) во делот за Битола, презентиран пред делегатите. Во моментот раководството на ОО на СДСМ Битола е во оставка и до изборот на нов претседател општинската ќе ја води вршител на должност.
„Општина Битола, една од најголемите општини во државата, во континуитет, во сите набљудувани изборни циклуси, покажува голем пад на бројот на освоени гласови од страна на СДСМ. Од графиконот може да се воочи дека падот покажува праволиниски тренд на опаѓање, но и дека во период од пет години само во општина Битола СДСМ изгубил 14.759 гласови“, констатира ЦИШ во извештајот.
Ова значи дека падот на гласови од контото на СДСМ Битола започнал некаде по втората година од владеењето на Наташа Петровска како градоначалник на Битола.
Всушност, тоа е периодот кога општинската организација на СДСМ Битола ја води (од 27 јуни 2019) како претседател Златко Ќурчиевски.
Во последните пет години почнувајќи од 2020 до 2025 година, општинската организација на СДСМ Битола смени три раководства. По раководењето на Ќурчиевски, падот продолжува и со доаѓањето на Драган Крајовски, за да доживее кулминација сега на последните локални избори со преземањето на ОО на СДСМ Битола од страна на Методија Куновски.
Куновски од позиција на претседател ја презеде одговорноста да биде и кандидат за градоначалник, откако останатите високи партиски функционери од Битола не ја прифаќаа кандидатурата оти резултатите беа извесни – пораз. Куновски на последните локални избори освои 6.118 гласа, а советничката листа 5.386 гласови, со пет мандати. Четири години претходно кандидатот на СДСМ Христо Кондовски, во вториот круг од изборите за градоначалник освои 21.978 гласови. Падот на гласови е особено впечатлив кога ќе се споредат гласовите на Кондовски и Куновски со освоените рекордни 31.337 гласови на Наташа Петровска во 2017 година.
Во извештајот на Централниот изборен штаб на СДСМ презентиран пред делегатите јасно стои дека она што се случува со гласовите на СДСМ во Битола нема оправдување.
„Ваквите резултати не можат да се правдаат со најголемиот број на листи за советници (дури 16) кои учествуваа на последните локални избори, ниту на значително помалата излезност за разлика од парламентарните избори во 2024 година (48.21% наспроти 62.5%). Едноставно, континуитетот на падот на освоените гласови, не дозволува вакво оправдување“, се наведува во извештајот и накрај пишува:
„Слична е и сликата за добиените гласови на кандидатот за градоначалник, кои иако беа за 732 повеќе отколку за советничката листа, не беа доволни за влез во вториот круг“, стои во извештајот.
Инаку опишувајќи ја генералната состојба во општинските организации на СДСМ во извештајот од ЦИШ се наведува дека – на терен се манифестираат значајни разлики во функционирањето на општинските организации. Битола е сместена во лошите примери наспроти општините каде што имало соработка меѓу кандидатот за градоначалник, претседателот на општинската и останатите партиски чинители.
„Спротивно на тоа, во општините со изразени внатрепартиски поделби и недостаток на консензус – Битола, Прилеп и Куманово, проектните и кампањските активности не беа целосно синхронизирани што значително ја ослабна партиската мобилизација и теренската организација“.
Последната вест за ОО на СДСМ Битола потврдена од Драган Крајовски како нов член на Извршниот одбор на СДСМ е дека вршител на должност (в.д.) ќе ја води партијата во Битола по оставката на Методија Куновски од претседател на општинската.
„Поради тоа што претседателот на ОО на СДСМ Битола е во оставка се очекува да биде назначен вршител на должност од страна на претседателот Венко Филипче. Вршителот на должност ќе ја води општинската и ќе спроведи постапка за избор на претседател на партијата во Битола“, изјави Крајовски.
Зоран Стојчевски, член на Централниот одбор на СДСМ, смета дека беспредметно е да се постави вршител на должност кога според актуелниот статут на партијата, претседателот Венко Филипче има право веднаш да постави претседател на општинската во Битола.
За вршител на должност, социјадемократи брифираат дека најдобро решение ќе биде советникот Петар Николовски, со оглед на тоа што беше носител на листата за советници и е потпретседател на младината на СДСМ. Николовски е добро упатен во сите актуелни состојби и проблеми во партијата и може најдобро да одговори на предизвикот на времената функција до избор на лидер во Битола.