Пристапот до СЕПА ќе овозможи побрзи трансфери во евра и пониски трошоци: Интервју со Игор Величковски од НБ

Единствената област за плаќања во евра им овозможува на граѓаните и компаниите од земјите членки да вршат безготовински плаќања во евра каде било во СЕПА областа под еднакви услови, вели директорот на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, Игор Величковски


Народната банка започна активности чија крајна цел е поефикасно и поевтино извршување на плаќањата во евра во рамки на таканаречената Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Кога ќе може граѓаните и фирмите да ги користат овие поволности, како и што се е потребно за да се исполнат бараните стандарди, разговаравме со директорот на Дирекцијата за платни системи во Народната банка, Игор Величковски. Исто така, тема на интерјуто беа и досегашните искуства од спроведувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, односно дали банките ги исполнуваат обврските кон клиентите, кога ќе се појават нови играчи на пазарот со иновативни решенија и тн. 

Господине Величковски, неодамна беше најавено дека Народната банка презема активности со цел да се приклучи кон Единствената област за плаќања во евра, СЕПА. Што претставува СЕПА?

СЕПА е иницијатива на Европската унија која започна да се реализира во 2008 година со цел поедноставување на плаќањата во новата заедничка валута – евро односно зголемување на ефикасноста и воедначување на условите за извршување на националните и прекуграничните плаќања преку интегрирање на тогаш фрагментираните национални пазари во единствен домашен пазар за плаќања во евра. СЕПА им овозможува на граѓаните и компаниите од земјите членки да вршат безготовински плаќања во евра каде било во СЕПА областа под еднакви услови, користејќи ги платежните сметки и воедначен сет на платни инструменти. За таа цел во СЕПА областа се воспоставени повеќе платни системи (платежни шеми) во кои давателите на платежни услуги учествуваат директно или индиректно, што овозможува брза и ефикасна размена на информациите за плаќањето и меѓусебно порамнување, во споредба со поскапите и временски подолгите коресподентни аранжмани на деловните банки што би ги користеле доколку не се приклучени во платните системи. Така на пример, плаќањата со кредитни трансфери (кај нас познати како платни налози) од било која земја членка се вршат со стандардизиран сет на податоци кои овозможуваат брз и едноставен пренос на парични средства од платежна сметка на плаќачот на платежна сметка на примачот, во неговата или било која друга земја членка. За повторливи плаќања (на пр, плаќања сметки за електрична енергија, топлинска енергија, вода, и сл) граѓаните и компаниите може да го користат инструментот директно задолжување кој му овозможува на добавувачот на овие услуги, директно и редовно да ги наплатува од платежната сметка на корисникот на услугите, без разлика дали е отворена кај давател на платежни услуги од истата или друга држава во рамки на СЕПА областа, за што секако корисникот претходно дал согласност.
Тековно, СЕПА брои 36 земји-членки, која ги вклучува 27 земји-членки на Европската унија, четирите земји-членки на Европската асоцијација за слободна трговија (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) и Обединетото Кралство, како и неколку други држави (Андора, Монако, Сан Марино и Ватикан).

Банките кај нас и сега непречено извршуваат платен промет со странство, преку коресподентски банки. Кои се разликите помеѓу ова што сега го прават и доколку плаќањата се извршуваат во рамки на СЕПА? Кои ќе бидат придобивките за банките, но и за правните и за физичките лица со приклучување кон СЕПА?

За потребите на извршувањето плаќања со странство, домашните банки имаат отворено сметки во повеќе странски коресподентни банки на коишто чуваат ликвидни парични средства, како за сопствените, така и за плаќањата на клиентите. Согласно со договорените коресподентски услуги, доколку примачот на паричните средства има сметка кај таа странска банка преносот на парични средства се врши директно на неговата сметка од коресподентската сметка на домашната банка, во нејзино име или во име на клиентот, односно плаќачот. Меѓутоа, многу често примачите се со сметки во други банки различни од коресподентната банка, поради што оваа банка ги користи своите коресподентски односи со другите банки за пренос на паричните средства до крајниот примач. Потребата од постојано одржување на високо ликвидни средства, кои што знаеме дека вообичаено не се предмет на некаков надоместок (позитивна камата), како и вклучувањето на повеќе коресподентни банки во преносот на паричните средства предизвикува продолжување на времето за реализацијана на плаќањето и поскапување на истото.
Од друга страна, пристапот до СЕПА ќе овозможи домашните банки да бидат учесници во платните системи преку коишто се извршуваат плаќањата во евра во оваа област што ќе овозможи директно порамнување на трансакциите со деловните банки од земјите-членки, кои исто така се учесници во овие платни системи. Поради тоа, преносот на парични средства ќе биде побрз и поевтин имајќи предвид дека комплексните коресподентни аранжмани ќе бидат избегнати. Оттука, главните придобивки за банките се однесуваат на можноста да учествуваат директно во платните системи во СЕПА областа за разлика од тековните состојби кои условуваат користење само на услугите на коресподентните банки кои наплатуваат одредени надоместоци кои ги поскапуваат прекуграничните плаќања во евра. Со директен пристап до платните системи, домашните банки ќе можат да ги намалат своите трошоци за извршување на плаќањата во евра. Ова ќе резултира во намалени надоместоци за граѓаните и компаниите во земјата, но и побрзи и поедноставни прекугранични плаќања во евра. Овие користи се многу значајни за граѓаните и компаниите имајќи предвид дека најголем број од прекуграничните плаќања се извршуваат во евра. Така, во 2023 година преку банките во земјата се извршени во евра 87% од вкупните одливни прекугранични плаќања, односно 77% од вкупните приливни прекугранични плаќања.

Дали освен банките СЕПА ќе може да го користат и новите „играчи“ кои што се предвидени во сега веќе актуелниот Закон за платежни услуги и платни системи, а кои се очекува да се јават на домашниот пазар?

Со цел зајакнување на конкуренцијата на домашниот пазар, согласно Законот за платежни услуги и платни системи е овозможено платежните институции и институциите за електронски пари како небанкарски даватели на платежни услуги да имаат пристап до платните системи во земјата. Во ЕУ, а со тоа и во СЕПА, се предложени нови регуаторни решенија со коишто, исто така, се предвидува небанкарските даватели на платежни услуги да имаат пристап до платните системи во Европската Унија и СЕПА областа. Оттука, по вклучувањето на земјата во СЕПА областа и донесувањето на овие регулаторни решенија во Европската Унија, домашните небанкарски даватели, на сличен начин како и банките, би можеле да имаат директен пристап до платните системи во СЕПА областа.

Кога се очекува нашата земја да се приклучи кон СЕПА, до каде се подготовките и што се е потребно да се исполни за да се спроведе тоа? Дали банките во нашата земја се подготвени за таков чекор или и тие треба да се прилагодат?

Пристапувањето во СЕПА областа подразбира исполнување на голем број на регулаторни барања во платежната сфера, но и во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам. Поради тоа, во изминатите години активно се работеше на усогласување на националното законодавство со законодавството на Европската Унија преку транспонирање на голем број на директиви и регулативи во овие сфери. Ова создаде основа за презентирање на правната и функционалната еквивалентност на нашата регулатива со законодатвството на Европската Унија најпрвин пред Европската Комисија, а потоа и пред Европскиот Совет за плаќања, како две клучни институции во процесот на одлучување за пристапување во СЕПА. Во таа насока, во изминатиот период Народната банка и релевантните државни институции со заеднички напори работеа на пополнување на апликацијата за пристапување на нашата земја во СЕПА. На крајот на април оваа година, Народната банка, претставувајќи ги давателите на платежни услуги во земјата над кои има регулаторни и надзорни надлежности, ја достави апликацијата до Европската Комисија за добивање на неформално мислење. Откако ќе го добиеме неформалното мислење и ги разрешиме евентуалните забелешки, коишто може да значат и потреба од дополнително усогласување на регулативата, апликацијата ќе биде формално поднесена до Европскиот Совет за плаќања со цел нејзина формална оценка и одлучување за пристапот во СЕПА.
Истовремено, банките во земјата ќе треба да работат на прилагодување на своите информациски системи со цел исполнување на техничките барања за пристапување во платните системи во СЕПА областа. За сето ова ќе биде потребно време, поради што се очекува дека ефективното пристапување во СЕПА областа би се случило на среден рок односно во следните неколку години.

Законот за платежни услуги и платни системи веќе е во примена, какви се досегашните искуства, дали банките се придржуваат кон обврските за своите клиенти? Исто така, беа најавени и нови  играчи на пазарот со иновативни решенија, но тоа до сега го нема. Дали такво нешто може да се очекува наскоро?

Законот за платежни услуги и платни системи донесе голема правна заштита како за компаниите така и за граѓаните. Банките се должни да ги понудат условите за користење на платежните услуги на корисниците, а особено на граѓаните, на едноставен начин со цел истите да бидат разбрани од нивна страна. Во таа смисла, банките треба да им понудат на граѓаните рамковен договор за платежни услуги кој ги регулира правата и обврските за користење на платежните услуги, информирајќи ги пред склучување на договорот за условите под кои може да ги користат платежните услуги, како и за висината на надоместоците за најчесто користените услуги. Иако граѓаните по автоматизам ги остваруваат правата кои за нив произлегуваат од новиот закон, со неговата примена би го нагласиле и нивното право да побараат замена на постојните договори склучени пред влегување во примена на новиот закон, со нов рамковен договор со цел да си обезбедат поголема правна заштита при користење на платежните услуги. По склучување на рамковниот договор, давателот е должен, најмалку еднаш годишно, да му достави на потрошувачот извештај за надоместоците коишто му ги наплатил за користењето на платежните услуги. Притоа, за прв пат во јануари 2024 година банките им доставија ваков извештај на граѓаните за периодот кој се однесува на 2023 година.
Новата правна рамка носи и поголема конкуренција имајќи предвид дека давателите на платежни услуги се должни да доставуваат информации за надоместоците кои ги наплатуваат од граѓаните до Народната банка, која ги објавува на својата веб-страница. Така, во септември 2023 година Народната банка преку овозможување на алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги “ на нејзината веб–страница за прв пат им овозможи на граѓаните да ги пребаруваат и споредуваат по поединечни даватели надоместоците кои им ги наплатуваат за користењето на платежни услуги.
Се очекува конкуренцијата особено да се засили со појава на новите небанкарски даватели на платежни услуги. Тековно, Народната банка е во завршна фаза на лиценцирање на неколку баратели на дозвола за давање платежни услуги како платежни институции, кои претходно функционираа како даватели на брз трансфер на пари или издаваа кредитни картички како финансиски друштва. Дополнително, неколку други компании од земјата и странство се во процес на активна комуникација со Народната банка и се очекува во следниот период да поднесат формално барање за довивање дозвола за давање платежни услуги и издавање на електронски пари.

Се чини дека граѓаните сепак не ги користат доволно можностите кои ги имаат со овој закон, пред се тука мислам на сметката со основни функции. Што треба да се направи граѓаните во целост да ги користат придобивките кои им се нудат, дали тоа треба да е работа на банките, на медиумите…? 

На почетокот на 2023 година Народната банка изготви брошура за платежната сметка со основни функци со цел посеопфатно запознавање на потрошувачите со предностите од поседувањето платежна сметка со основни функции. Брошурата е достапна на веб-страницата на Народната банка, а беше споделена и со медиумите кои соодветно известија за истата. Платежната сметка со основни функции се отвора во денари и има слични функционалности како и „обичната“ платежна сметка, со тоа што на платежната сметка со основни функции не е дозволено пречекорување, односно навлегување во т.н. „минусно салдо“. Со други зборови, на сметката со основни функции на располагање се единствено паричните средства коишто ги поседува граѓанинот, заради што, за да изврши плаќања треба да е сигурен дека има доволно сопствени парични средства на сметката, во спротивно плаќањето нема да се изврши. Во овој контекст, главната придобивка од нејзиното користење се однесува на ограничување на висината на надоместоците кои може банката да ги наплати од граѓанинот. Имено, надоместокот не смее да биде повисок од 0,1% од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци. Согласно со објавите од страна на Државниот завод за статистика, вака пресметаниот месечен надоместок тековно би изнесувал околу 38 денари. Овој надоместок вклучува одржување на сметката и дебитната картичка и онлајн користење на интернет и мобилна апликација, неограничен број на платежни трансакции со цел внесување или повлекување на готовина непосредно на шалтерите кај банката или преку нејзината мрежа на банкомати, неограничен број на платежни трансакции со дебитни картички и извршување на минимум пет платежни трансакции со кредитен трансфер со кои се пренесуваат парични средства на други платежни сметки на клиенти на истата банка. За потрошувачите кои ѝ припаѓаат на групата корисници на законски дефинирани права, како што се на пример издршка, парична помош од социјална заштита, привремена невработеност, додаток за дете, стипендија и слично, а кое произлегува врз основа на закон, за користењето на овој сет на услуги преку платежната сметка со основни функции, банката не смее да наплатува надоместок.

Сепак, потребни се дополнителни напори за запознавање на граѓаните со придобивките од поседувањето на оваа сметка. Во таа насока, Народната банка во соработка со банките и со поддршка од медиумите ќе продолжи со превземање активности за информирање на поширок круг на граѓани за платежната сметка со основни функции.