Османи: Во следниот извештај на ЕУ ќе ја видиме суровата вистина

Времето на наративни извештаи на ЕУ заврши и сега ќе има листи со остварени резултати во сите сектори. Првиот извештај ќе го добиеме веќе во јануари


Фото: Б. Грданоски

 

Интензивна, активна и успешна надворешна политика – вака шефот на дипломатијата Бујар Османи ја оцени својата работа и постигнувањата во изминатата година. Тоа, според него, се должи на пробиви во односите со ЕУ, со Бугарија и со САД, кои се случија во сенка на руската агресија во Украина. 

„Сѐ уште има дилеми во јавноста во однос на тоа што се случи во Украина и дали како требаше ние да се поставиме како држава. Малите држави ги заштитува меѓународниот поредок и тие не можат да ги остварат своите интереси со сила. Загрозувањето на таа архитектура директно нѐ загрозуваше и нас. Затоа нашата поддршка на Украина не беше само заради тоа што беше жртва и зошто Русија ги погази принципите што сама ги потпиша, туку и затоа што бевме загрозени како земја“, порача Османи во контекст на војната во Украина, околу која јавноста во Македонија во поголем дел беше наклонета на руската вистина. 

Во однос на ЕУ Османи рече дека на 19 јуни ги почнавме преговорите иако сѐ уште некои тврдат дека скринингот не е тоа, туку отворањето на поглавјата. Правејќи паралела со градење куќа, тој рече дека скринингот е дизајнот, а отворањето и затворањето на поглавјата е ставањето на тулите, бидејќи во оваа фаза се утврдуваат сите детали како ќе се одвива процесот. Според него, општеството живееше над две децении во очекувањата кога ќе почне последната фаза од придвижувањето кон Европската унија и сега го нема тој товар, односно нема дилема дека преговорите со ЕУ започнаа. 

Како трет успех Османи го нагласи меѓународното етаблирање на македонскиот јазик, прашање што како што рече се затвори со преговарачката рамка за ЕУ и со потпишувањето на договорот со Фронтекс. На забелешката како е можно јазикот да е етаблиран, а на брифингот да нема превод од албански јазик, Османи рече дека вообичаено имало преводи, но речиси никој не ги користел досега. 

Пробивот кон Бугарија тој го илустрираше со потпишаната преговарачка рамка која ги стави во рамка односите со оваа земја, како и со фактот дека меѓусебната трговија годинава достигнала една милијарда евра, што како што рече, можело да се постигне без создавање одредена инфраструктура (политичка, економска и слично), бидејќи не паднале од небо. Тој додаде дека  во јавниот дискурс оваа тема веќе не ги контаминира толку многу односите, освен некои отпори што се гледаат преку отворањето на клубовите и некои изјави, за кои беше уверен дека нема да го запрат развивањето на добрите односи.

„Тие не можат да бидат толку активни колку што ќе бидеме ние упорни да изградиме добри односи“, порача Османи. 

Како успех тој го наброја и признавањето на МПЦ од страна на СПЦ, одржувањето на првата меѓувладина седница со Косово на која биле потпишани десетици договори и втората со Албанија, на која се потпишаа договори за изградба на Коридорот 8 и за Струга како суво пристаниште што ќе се поврзе со Драч. За Грција спомна дека за четири години трговската размена е дуплирана, од 800 милиони на една милијарда и шестотини илјади евра и дека односите се „сосема нормални“, како ретко кога досега. Посетата на германски претседател и германски канцелар во текот на една година е нешто што речиси е невозможно да се случи, дополни Османи за односите со Берлин. 

На новинарски прашања, тој одговори дека сѐ уште не е одржана средбата со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски околу заминувањето или не на Виктор Димовски за амбасадор во Париз, при што напомена дека нема ништо спорно во тоа амбасадори од земји сојузници во НАТО да даваат мислења околу нашиот дипломатски избор. Личниот став за ова прашање рече дека ќе го изнесе на средбата. 

На омиленото прашање, дали и покрај прифаќањето на францускиот предлог и на преговарачката рамка за ЕУ Бугарија може повторно да нѐ блокира, Османи рече дека секоја земја членка може да нѐ блокира кога сака, дури и без да го образложи тоа, но дека овие документи не даваат основа за тоа на Бугарија. 

„Обврските што се преземени и историските прашања нема да бидат одредници за отворање или за затворање на поглавјата“, рече Османи, додавајќи дека и Бугарија не сака да ја блокираат за Шенген, а ја блокираа, иако е земја членка на ЕУ. 

За тимот на САД што гони корупција Османи не знаеше да каже кога и какви одлуки ќе носи, но повтори дека ние сакаме САД да бидат активно вклучени околу пресметката со неа. Тој уште најави дека во првиот извештај на ЕУ што ќе го добиеме веќе во јануари како земја што преговара за членство ќе ја видиме „суровата вистина“, но се огради потоа дека не сака да прејудицира дали ќе биде добар или лош. 

„По претходниот извештај, во кој надворешната политика го даде тонот, во наредниот ќе треба да покажеме конкретни резултати. Времето на наративни извештаи заврши и сега ќе има листи со остварени резултати во сите сектори“, рече Османи нагласувајќи дека идниот извештај ќе биде математички а не политички и никој нема да може да се надева дека ќе му се прогледа низ прсти, бидејќи сега преговараме за членство и од први јанури влегуваме во нови односи со ЕУ. (С.Ј.)