Војска на границата на Полска, Белорусија почна воени вежби
Белоруската војска почна воени вежби покрај границата со Полска, ден по пораката од Полска дека постои реален страв од судир на таа земја со Русија.
Воената вежба се одржува покрај границата со Полска, главниот град Минск и во севеоисточниот регион Витебск, а како што утрово објави белоруското министерство за одбрана, а пренесе Ројтерс, вежбата ќе трае седум дена и во неа војниците ќе вежбаат „ослободување на територија која привремено ја окупирал непријател“.
Исто така, дел од вежбата е наречен „воспоставување контрола над пограничните региони“, стои во соопштението.
Белорусија тврди дека со оглед на бројот вклучени војници и опрема, не морале да известат никого за вежбата, според правилата на ОЕБС, но официјален Минск, од друга страна, на вежбата како набљудувачи ги повика претставниците на воено-дипломатскиот кор на странски држави.
Вежбата, па уште и на границата со Полска, доаѓа во момент кога заменикот-министер за одрбана на Полска, изјави дека таа земја стравува од отворен судир со Русија, поради што е донесена одлука вооружените сили на Полска да се реформираат за да бидат подготвени за евентуален судир.
Москва засега не се огласила по ова прашање, но одржувањето на воени вежби од Белорусија на границата со Полска, чиј претседател Александар Лукашенко е сојузник на Владимир Путин, и кој повеќепати изјави дека ако треба, ќе му се придружи на својот руски колега во војната во Украина, може да се толкува како чиста провокација.
Лукашенко одамна му дозволи на Путин војската во Украина да ја праќа од белоруска територија.