Шолц побарал Србија да се приклучи на санкциите за Русија


Олаф Шолц остро побара Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прес-конференцијата по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц. Вучиќ рече дека тој зборувал за традиционалните врски меѓу Србија и Русија, но и за претстојната зима.

Германскиот канцелар изјави дека разговорот практично е продолжение на оној одржан во мај во Берлин. Тој имаше неколку забелешки на темата евроинтеграции и истакна дека Берлинскиот процес е многу важен за Германија. Потоа ја спомна војната во Украина и големите последици од руската инвазија на таа земја.

„Ова е ужасна бесмислена војна. Затоа е важно да и помогнеме на Украина да се одбрани од напади. Дел од она што го направивме е да наметнеме санкции. Затоа е важно што е можно повеќе земји дополнително да воведат санкции на вооружувањето. На тој начин Украина може да ја одбрани својата земја. Затоа санкциите се важни и имаат ефект. Очекуваме сите земји кандидати за членство во ЕУ да се приклучат на санкциите против Русија“, рече Шолц.

Тема на разговор беше и дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Шолц рече дека ги повикал лидерите да постигнат напредок и да го подобрат дијалогот. Претходно во Приштина  изјави дека ни Србија ни Косово нема да влезат во ЕУ ако не се признаат меѓусебно.

„Сите земји треба да бидат подготвени за прагматични компромиси и да се исполнат потребните услови,“ рече Олаф Шолц, германскиот канцелар.

Германскиот канцелар Олаф Шолц со посета на Косово и на Србија денеска ја почна дводневната турнеја низ Западен Балкан. Вечерва, ќе отпатува за Грција на покана на неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис каде во Солун ќе присуствува на вечера со претставниците на земјите о регионалната иницијатива „Процес за соработка во Југоисточна Европа“ (ПСЈИЕ).По престојот во Грција, утре Шолц треба да го посети Скопје, а оттука да замине и за Софија.

Во фокусот на неговата балканска турнеја, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан и придонесот на Германија за подобрување на регионалната соработка и надминување на билатералните блокади. Покрај тоа, клучна тема на разговор ќе биде, како што е соопштено во Берлин, заедничката реакција на руската агресија врз Украина.

„Во срцето го имам продлабочувањето на регионалната соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Зборувавме и за ова, за Берлинскиот процес. Сакам да го заживеам оваа година заедно со нашите партнери во рамките на Берлинскиот процес и наесен ќе ве поканам на конференција во Берлин. Регионот треба да напредува во однос на создавање заеднички регионален пазар и 4-те важни договори за слободно движење на луѓе и признавање на професионални дипломи треба брзо да се склучат,“ рече Олаф Шолц, германскиот канцелар во Приштина.