Опожарени три куќи во Злокуќани, нема жртви


Илустрација

Три куќи денеска се опожарени во населбата Злокуќани, но за среќа нема жртви, ниту повредени. Едната е комплетно изгорена, втората не е толку опожарена колку што има штета од водата со која се гаснел пожарот, додека кај третата опожарена е само една соба.

Благодарение на брзата интервенција на противпожарната екипа со 13 пожарникари и четири возила спречена е поголема катастрофа, бидејќи тој дел е густо населен.

– Се работи за таканареченото Ромско маало во Злокуќани, каде куќите се залепени една до друга. Пожарот беше пријавен околу 8.35 часот. Веднаш излеговме на терен, интервениравме бргу, при што пожарот е локализиран и е избегната голема катастрофа – изјави Владимир Симоновски, командант на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје.

Тој истакна дека се уште не се знаат причините за избувнување на пожарот.

Стевчо Јакимовски, градоначалникот на Карпош, објави видео во кое повикува на граѓанска солидарност за три опожарени куќи во скопската населба Злокуќани. 
 
– Кога си градоначалничката функција носи и убави но и лоши моменти. За жал денес сме сведоци на лош момент, опожарени се три куќи во населбата Злокуќани, од кои едната е целосно изгорена. Благодарение на брзата интервенција на противпожарната екипа спречена е поголема катастрофа – информира Јакимовски.

Една од куќите во која избувнал пожарот е целосно уништена со целата покуќнина.

„Апелирам до граѓаните да помогнат согласно своите можности, а на оштетеното семејство му понудив привремено сместување додека не се санира нивниот дом.

Предупредувам дека доаѓа тешка зима и стравувам дека е можно да се повторат вакви немили настани, па затоа апелирам до сите граѓани да бидат крајно внимателни при користењето на електричната енергија“, додава градоначалникот на Карпош.