ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека полицајци ги следат нивните членови, СДСМ негира


Откако Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека структури контролирани од СДСМ следели членови на опозициската партија, од владејачката партија ги отфрлаат обвинувањата и повикуваат институциите да истражат.
 
– СДСМ во целост се оградува од какви било нерегуларности или конструкции за нерегуларности за овие избори. СДСМ води искрена, приземјена, отворена и јавна комуникација со граѓаните и ги отфрла сите обиди со кои наводни вибер групи би требало да докажат дека СДСМ се занимавал со следење луѓе на денот на избори – велат од СДСМ.
 
Тие сметаат дека во пресрет на вториот круг се засилува Центарот за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните на 31 октомври масовно ќе излезат на гласање и со демократски методи ќе спречат враќање на режимот и злоупотреба на институциите во партиски цели.
 
– Сепак, за и овој куп лаги на ДПМНЕ да распука како меур од сапуница, бараме од институциите итна постапка и расчистување на овој случај. Јавноста треба да знае дали било која институција креирала таква група и дали наводните дејствија презентирани на прес-конференција било кога реално се случиле велат од СДСМ.
 
Претходно пак, од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека полицајци блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за време на изборната кампања чија цел е следење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз.

 

– Групата од над четириесетина полицајци се координирала на апликацијата вибер. Во таа група именувана „ХХХ“ според она што досега го идентификувавме има началници, полициски командири и полицајци во улога на партиски извршители. За изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп – Дарко Цуцулоски, заменикот командир – Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп – Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски – Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец. Злосторничката групација составена од полицајци на Заев и Спасовски договарале малтретирање на секој кој не го поддржувал СДСМ: „Земете му ја колата и убијте го“, гласи една од координираните наредби во групата – обвини Ковачки.

Категорично ги отфрламе како невистинити сите обвинувања за наводно „координирано следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе”, реагираат од МВР по прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која беше решено дека полицајци блиски до СДСМ договарале малтретирање на луѓе за изборите.

„Ја информираме јавноста дека МВР нема креирано таква вибер група и дека активностите на МВР и во Прилеп и во кој било друг град не се координираат преку вибер групи. Во исто време, после направена проверка на статистиката за возила испратени на технички преглед, информираме дека тој ден во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“, се наведува во соопштението на МВР.

Од МВР велат дека започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите.