Османи гледа силен фокус на Словенија на Западен Балкан
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска се обрати на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции на која беа презентирани програмата и приоритетите на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.Османи на почетокот упати честитки за преземањето на водството со Советот на ЕУ од страна на Словенија, но и за силниот фокус кон земјите од Западен Балкан, за иницијативата да го организираат Самитот ЕУ-ЗБ, кој ќе вклучи важни теми како што се спроведувањето на Економско инвестицискиот план, иницијативите за регионално меѓуповрзување и можноста за вклучување на регионот во работата на Конференцијата за иднината на ЕУ.
„Преземањето на водството со Советот на ЕУ од страна на Словенија доаѓа во многу важно време за самата ЕУ која продолжува да се соочува со бројни предизвици, меѓу кои секако и застојот на политиката на проширувањето и на потребата за реафирмација на европската перспективата за земјите од регионот на Западен Балкан“- истакна Османи.
Тој посочи дека Словенија како непосреден сосед, не само што го познава, туку има и сопствен интерес и искрено сака да му помогне на регионот.
„ Она што беше силен политички ангажман од страна на Германија, прерасна во португалски предлог за надминување на разликите, кој сега се смета за предлог на претседателството со кое раководи Словенија. И во овие комплексни политички односи, тоа може да се нарече една мала политичка придобивка: да обезбедиме константа во рамките на претседателството со ЕУ, која ќе го држи нашето европско досие високо на агендата на ЕУ, со фокус кон отстранувањето на блокадата од страна на Бугарија. Тоа претставува и важна порака дека Унијата не кренала раце ниту од земјава, ниту од регионот, туку активно партиципира во разрешувањето на предизвиците во овие земји“- додаде Османи.
Посочи дека Северна Македонија се наоѓа во стомакот на Европа и како регион сме опкружени од сите страни со земји членки на ЕУ.
“Само со мал поглед на мапата на Европа, станува логично и јасно дека регионот навистина преставува делот што недостасува за обединување на континентот. Тоа неминовно ќе се случи, порано или подоцна”, рече Османи, изразувајќи надеж дека ќе се скрати непотребното одложување што е секако заеднички интерес.