333 кукли против злоставувањето


333 кукли со големина на дете се наредени пред катедралата во Келн, Германија. Тие се дел од уметничката инсталација „Скршени души во морето на тишината“- критика за односот на католичката црква кон случаите на злоставување.

Завиткани во бели и виолетови ленти, куклите покажуваат со прстот кон обележјето на Келн и симболот на католиците – акцијата има за цел да го осуди справувањето со сексуалната злоупотреба во црквата. Куклите, обвиени во боите на невиност (бела) и на свештеничката облека (виолетова), не се наменети да бидат критика на црквата воопшто, туку за нејзиниот однос кон сторителите и жртвите.

Инсталацијата е дело на уметникот Денис Јозеф Месег, кој и самиот бил жртва на злоставување во детството.

„Илјадници верници излегуваат од црква со нивните деца фатени за рака кои влегуваат како радосни мали христијани, а се враќаат со скршени души. Засрамени, злоставени и понижени. Тие продолжуваат да го живеат својот живот со товар на нивниот грб од кој никогаш нема да се ослободат. Чувствувајќи се етикетирани и безгласни бидејќи никој не сака да ги сослуша. Ниту семејството, ниту црквата, каде бескрупулозните соучесници, до самиот врв, работат на заташкување, одбивање и заштита на вината на свештениците“, вели Месег за инсталацијата.

Целта на Месег е да им даде видливост на жртвите, но исто така и на сторителите, за тие да не можат да продолжат да живеат мирно знаејќи дека ништо нема да им се случи.

Уметничката инсталација ќе биде поставена до 6 август.