32 европратеници бараат Фон дер Лајен да не се сретне со Вучиќ идната недела

Триесет и двајца европратеници ја повикаа Урсула фон дер Лајен да ја преиспита нејзината претстојна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ со оглед на влошената политичка криза во Србија. Во писмото испратено денеска, тие ја обвинуваат ЕУ дека го игнорира демократското назадување на Србија.
Во писмото на европратениците се наведува дека тие пишуваат за да „ја изразиме нашата длабока загриженост во врска со вашата закажана средба со српскиот претседател Александар Вучиќ следната недела. Тајмингот на оваа средба испраќа многу вознемирувачки и штетен сигнал со оглед на длабочината и тежината на политичката криза во Србија. Во последните денови и месеци Србија беше сведок на најголемите протести во својата историја, при што граѓаните го изразија својот револт поради системската корупција и неодамнешното трагично уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, која однесе 15 животи. Овие протести предводени од студентите, од ноември минатата година, го истакнуваат растечкото јавно барање за одговорност, транспарентност и демократски реформи – вредности за кои се залага Европската унија.
Кредибилитетот на ЕУ на Западен Балкан веќе е сериозно нарушен во последните децении и не е изненадување отсуството на знамиња на ЕУ на овие демонстрации со оглед на бројот на неисполнети ветувања или поддршката на ЕУ за стабилократијата над демократските стандарди. Сепак, средбата со претседателот Вучиќ во овој критичен момент ризикува дополнително да ги зајакне перцепциите дека ЕУ го игнорира демократското назадување и сериозно го отуѓува српскиот народ од ЕУ.
Прогонот на кредибилните партнери во граѓанското општество, политичките дејствија на обвинителството и наводната употреба на незаконска технологија за контрола на толпата дополнително ја нагласуваат сериозноста на ситуацијата. Затоа сега одржувањето на оваа средба не само што е многу проблематично, туку и длабоко погрешно. Затоа силно ве повикуваме да ја преиспитате оваа средба и наместо тоа да го искористите овој момент за да испратите јасна и цврста порака во име на ЕУ: на Србија итно ѝ е потребна преодна влада на изборна доверба и граѓанско единство за да ја врати довербата на јавноста и да ги постави темелите за вистински слободни и фер избори. Сè друго би било лоша услуга за демократските аспирации на српскиот народ и за положбата на ЕУ во регионот.
Србија ѝ припаѓа на Европа и токму во такви моменти мораме да покажеме – преку нашите постапки – дека навистина ги поддржуваме нашите вредности и принципи. Затоа, српските граѓани заслужуваат гласна и јасна порака од Брисел дека стоиме со нив во нивната невидена борба за владеење на правото, демократија и одговорност“, наведуваат европратениците во писмото до Урсула фон дер Лајен.