13. „Џифони Македонија“: Снимајте филмови, пишувајте сценарија, борете се за вашите проекти


Младите од осум земји учесници на 13. „Џифони Македонија“ имаа богат викенд исполнет со проекции на филмови, ги започнаа своите работилници, а и дискутираа за филмовите што ги гледаа. Програмата на фестивалот се реализира во Кинотеката, каде што работат јуниорите, односно основците од шесто до деветто одделение, додека во Младинскиот културен центар се средношколците, кадети и сениори.

Денес на програмата е средба со активистката Теодора Милевска, а младите ќе можат да слушнат повеќе и за стипендиите UWC – United World Colleges што можат да се искористат и кај нас за студирање во странство. Ќе биде прикажан и документарниот филм Girls Don’t Cry („Девојките не плачат“) на германската режисерка Зигрид Клаусман, а ќе следува и циклус кратки италијански филмови.

Џифонци викендов се сретнаа со млади режисери кои веќе ги прават своите први филмови. Лавина од прашања предизвикуваат овие први чекори на младите кои поставуваат интересни прашања. Кадетите и сениорите се сретнаа со Беса Туша, млада режисерка од Скопје, која студирала во Турција и која веќе ги прави своите први чекори во филмската уметност, а филмови веќе и се прикажуваат и на фестивали. Таа ги сподели своите искуства, беше многу отворена за да им раскаже на младите. Беса го промовираше нејзиниот филм „Низ очите на Џело“, таа го прикажа Скопје низ приказната на овој лик. Им посака на џифонци кои сакаат да се занимаваат со филм, само да снимаат и дека така се учи најдобро. Секој нареден проект ќе биде подобар.

-Ми се погоди да добијам стипендија за студирање во Турција и тоа ми го трасираше патот. Сакам да ја одржувам врската со Македонија и затоа приказните ги наоѓам и овде. Важно е да снимате, да се борите за вашите проекти. Од помлада пишував сценарија со желба да се изразам себе и тоа многу ми помогна – рече младата Беса.

Младиот Бојан Василев го прикажа филмот „За Ева“, кој ја отвора темата за несакана бременост кај младите, но и темата за осаменоста, отуѓеноста, кога се чувствуваме дека сме сами и немаме со кого да споделиме тага, а цел свет ни се руши. Инспириран од вистинска приказна, Василев ја отвора оваа важна тема, а предизвика лавина од прашања.

Младиот режисер Бојан Василев се претстави со вели дека филмот е за надежта, не е само за тинејџерската бременост. Филмот е снимен во рамките на проектот EduCuts, што поврза неколку земји од регионот, меѓу кои и Македонија, а 20-ина млади имаа можност да ги направат своите први филмови, благодарение токму на оваа поддршка.

-Јас не сакам филмови кои кажуваат кој е во право, а кој не. Филмот успеавме да го снимиме за само 4 дена, што е голем успех – рече тој.

Во рамктие на Creative Talks, вчера беа промовирани неколку режисери од програмата „Докуникулци“, која неколку години се реализира во рамките на Фестивалот на креативни документарци „Македокс“. Беа прикажани три филмa од оваа програма – „Живуша“ Ксенија Довезенска, „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски и „Како стигнав до овде?“ во режија на Рој Стефанова. Џифонци беа одушевени од филмовите.

Во саботата се одржа и интернационалната вечер на која сите земји учеснички ја промовираат својата култура со храна.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Агенција за филм, Градот Скопје, Општина Карпош, Џифони Експириенс од Италија, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans…