Њујорк презема мерки против ширењето на морбилите


Властите на округот Рокланд во северниот дел на Њујорк, забранија присуство на јавни места на деца на возраст до 18 години, кои не се вакцинирани против морбили, откако за многу кус период беа регистрирани 153 нови случаи на заболени од оваа болест.

Забраната стапува во сила од денеска на полноќ и ќе трае најмалку во следниве 30 дена. За непочитување на оваа забрана е предвидена парична казна од 500 долари и до шест месеци затвор.

Бројот на деца вакцинирани против морбили во САД е во постојано намалување, бидејќи многу родители одбиваат вакцинација од верски причини или затоа што поверувале во гласините дека вакцината може да предизвика аутизам.

Според „Њујорк Тајмс“, најмногу заболени од морбили во Рокланд, каде живеат над 300.000 лица, има меѓу припадниците на локалната ортодоксна еврејска заедница.

Властите стравуваат дека постои опасност од ширење на болеста и меѓу припадниците на други конзервативни верски заедници во Њујорк.

Локалниот весник „Рокланд Каунти Тајмс“ наведува дека меѓу припадниците на конзервативните верски заедници нивото на вакцинација изнесува меѓу 50 и 60 проценти, што се смета за „крајно недоволно“.

Ваквите мерки во Њујорк се преземени откако заболени од морбили во поголем број беа регистрирани и во државите Вашингтон, Калифорнија, Тексас и Илиноис.