ЈСП ќе ги затвора панорамските автобуси


Новото раководство на ЈСП „Скопје“ одлучи да ги затвори панорамските автобуси. За почеток, два од 15 кабрио-автобуси ќе станат затворени. Проценето е дека за таа намена претпријатието ќе треба да издвои околу 20.000 евра. Одлука за трошење на тие пари веќе е донесена од мнозинството на Советот на Град Скопје, кој е основач на ЈСП.

„Така одлучивме, оти во ваква состојба панорамските автобуси не се воопшто корисни. Познато е дека наследивме возен парк кој де факто од пред неколку години е подновен со двесте и кусур автобуси, но од икс причини, дел од нив не се функционални“, вели Кристијан Чушков, директор на ЈСП. Појаснува дека двата автобуса од кабриолет во обични ќе се пренаменат во гаражите на ЈСП. Претпријатието, вели Чушков, има обучени лица за таква намена.

Инаку, од 15 кабриолет даблдекери, шест биле комплетно уништени. Тие се користеле за вадење делови за потребите на другите, обични даблдекери. Извадени се мотори, прозорци, ветробрански стакла, менувачи, сопирачки, столчиња… Во меѓувреме, секојдневно се расипувале и обичните, затворени автобуси, а претпријатието нема на лагер резервни делови. Додека се распише тендер да се набават нови, потребно е најмалку еден месец, па за да има доволно автобуси на улиците се вадат делови од други.

Во меѓувреме, од јавното претпријатие коментираат дека двокатните, но и украинските автобуси не се покажале квалитетни. Постојано се расипувале, од украинските често се одлепувале стаклата, па мајсторите мака мачеле да го решат проблемот. Од тие причини, по улиците секојдневно може да се види во сообраќај и некој од старите, репарирани автобуси. Дневно во сообраќај се пуштаат 148 возила. Во базата останувале 52 автобуси како замена во случај ако некој од тие што сообраќаат се расипе.

„Не можеме да имаме резервни делови на лагер оти се скапи. Луѓето се чудат зошто ги пуштаме во сообраќај старите автобуси, но мораме оти двокатните се расипани. Старите помалку се расипуваат од новите. Поправката оди тешко бидејќи немаме софтвер за да го откриеме дефектот“, раскажуваат вработените во сервисот на ЈСП „Скопје“.

Инаку, во 2011 година беа купени кинеските двокатни автобуси, вкупно 202 и 80 украински нископодни автобуси. Владата за нив плати околу 57 милиони евра. Првите двокатни автобуси од кинеската компанија „Јутонг“ стигнаа во Скопје во 2011 година, втората тура во 2012, а во 2013 година набавката беше комплетирана.

Проширувањето на возниот парк на ЈСП се одвиваше преку Министерството за транспорт и врски, со напомена како подарок за граѓаните на Скопје.

Деспина Трајковска-Димова