Јетон Беќири нов тренер на Ренова
Јетон Беќири е новиот шеф на стручниот штаб на фудбалскиот клуб Ренова од Џепчиште, соопштија од управата на клубот на денешната прес конфренција што се одржа во клубските простории во Тетово.
Беќири на промотивното претставување истакна дека сака Ренова што и сега е респектабилна екипа од македонската прва фудбалска лига уште повеќе да напредува.
– Се надевам дека со секојдневна професионална работа од една страна ќе ги исполниме очекувањата на гледачите кои ќе дојдат да ги гледаат натпреварите на Ренова а од друга страна на резултатски план ќе дојдеме на тоа ниво кога амбициите на клубот ќе бидат задоволени. Мојата цел ќе биде екипата да се стабилизира и постојано да биде во горниот дел од табелата и да бидеме до крај конкурентни и во Купот и во првенството на Македонија. Јас имам доверба и во играчите и во стручниот штаб дека е можно да обезбедиме и излез во европските натпреварувања рече Беќири.
Во однос на состојбата со играчкиот кадар Беќири рече дека голем дел од сегашните играчи имаат важечки договори и за следната сезона а на дел договорите им истекле.
– Ќе имаме заеднички состаноци со управата на клубот и согласно нашите можности со тоа што се нуди на пазарот на фудбалери и евентуалното продложување на договорите да ја составиме најдобрата можна екипа за следната сезона.
Беќири потпиша едногодишен договор за вршење на тренерската функција во Ренова. Од клубот најавија дека многу скоро ќе информираат и за почетокот на подготовките и околу составот на екипата.