Штипјанец измамен при купување на дрва
Штипски пензионер измамен при купување на огревно дрво. Шеесет и осум годишниот С. И. од Штип вчера во Полициската станица во Штип пријавил дека бил измамен од непознато лице.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова информира дека настанот се случил околу 11 часот. Измамникот дошол во куќата на пензионерот и му понудил огревни дрва со документи, но дека камионот му бил паркиран во населба Сењак во Штип и тргнале да ги видат дрвата.
– Исто така, според пријавеното, во еден момент непознатото лице кажало да почека и дека тој ќе дојде со камионот. Во меѓувреме, лицето отишло во неговиот дом и од неговата сопруга побарало 11.000 денари за дрвата и дека тој ќе дојде со камионот. Таа му дала 11.000 денари, по што лицето заминало, вели Панајотова.
Откако пензионерот се вратил дома заклучил дека бил измамен. Панајотова забележува дека веќе се работи на расчистување на случајот. Инаку, ваквите измами се чести, а најмногу страдаат пензионерите.
Панајотова информира дека полицијата вчера имала и контрола на возила и возачи, а контролирани се 161 возило, од кои 54 се упатени на технички преглед, а седум возила не биле технички исправни
Преземени се 19 мерки за овие прекршоци од кои шест возила се исклучени од сообраќај, на 12 издадени им се прекршочни платни налози и еден возач е писмено опоменат. Констатирани се 11 прекршоци во однос на возачи од кои девет за бесправно управување на возило и два останати прекршоци. Преземени се 21 мерка за констатираните прекршоци од страна на возачите, од кои девет се исклучени од сообраќај, една возачка дозвола е времено одземена и издадени се 11 прекршочни платни налози.