Шилегов ќе ја доградува Градска куќа за 3 милиони евра
Градоначалникот Петре Шилегов одлучи да ја доградува Градската куќа под Кале. Неодамна со изведувачот „Бетон“ се договорил за дозавршување на објектот да се платат 3 милиони евра, наместо првично утврдените 5 милиони.
„Успеавме да постигнеме договор и да ја намалиме цената. Сега, оваа сума е далеку поприфатлива. На администрацијата реално ѝ се потребни нови простории, децениските бараки речиси немаат основни услови за работа. Очекувам дека до крајот на годинава ќе се преселиме во новата зграда“, брифираше Шилегов. Тој од неговиот претходник ја наследи новата административна зграда изградена речиси до половина. Направена е само фасадата, а внатрешниот дел речиси не е чепнат. „Бетон“ дал гаранции дека целиот објект ќе го заврши до септември.
Градоначалникот не знаеше да каже што е планирано да се гради на местото на градските бараки. Впрочем, како што истакна, ДУП за тој реон е во мораториум, а постои веројатност потоа да претрпи одредени измени и дополнувања.
Градската куќа покрај Вардар се наоѓа веднаш до новата зграда на јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Почна да се гради во 2011 година и тогашниот градоначалник Коце Трајановски најави дека зградата ќе биде готова кон средината на 2015 година. Меѓутоа, терминот не беше испочитуван. Трајановски пред речиси една и пол година ја запре изградбата бидејќи немаше пари за таа намена.
Досегашните објавени договори за изградба укажуваат дека Градската куќа чини 18 милиони евра. Првичниот договор што се склучи со „Бетон“ беше вреден 15 милиони евра, а потоа имаше и еден анекс-договор од 3 милиони евра наменети за изградба на енергетски ефикасна фасада.
Новото седиште на градската администрација се гради на парцела со површина од 1.274 квадратни метри. Ќе има 6 ката, три подземни нивоа наменети за паркинг. Објектот се гради по идејно решение на Иван Кокалановски и Борче Стојковски. Во неа ќе биде сместена градската администрација, градоначалникот на Скопје, како и даночните одделенија и архивата на Град Скопје. (Д.Т.Д.)