Шахпаска: Полициски инспектор им светеше на вмровци за да напишат кај мене на фасада дека сум предавник


Пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска, во одбрана на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната седница за интерпелација, наброја по што ќе остане запаметена претходната власт, а се пожали и дека полициски инспектор им светел на ВМРО-вци да напишат предавник на нејзината фасада.
„МВР под палката на ВМРО-ДПМНЕ, ги носеше гласачите од Пустец на избори, беше познато по монтирани случаи, два пати го апсеше Љубе Бошковски, за да го снимат медиуми кои задоцниле на првото апсење“, рече Шахпаска.
Како што рече таа, партизираноста на МВР во тоа време ја почувствувала на своја кожа.
„Полициски инспектор со мобилен телефон им осветлуваше на активисти од ВМРО-ДПМНЕ во почетокот на 2017 година, за да пишуваат на мојата фасада дека сум предавник. Тоа беше период кога режимот не сакаше да ја напушти власта и се кршеа елементарни човекови права“, рече Шахпаска.