Шампањско и Штраус: “Vienna Classic Orchestra” во Скопје
Скопје синоќа беше Виена, со звуците на валцерите на Штраус и славните оперски арии на Бизе, Росини, Пучини, Маскањи, Верди и Масене во Македонската филхармонија.
Дотераната публика во живо ја почувствува музичката магија на единствениот “Vienna Classic Orchestra“ со врвни музичари, членови на Виенската Филхармонија.
Солистите на сцена ни наздравија со шампањско, диригентот од Виена беше бескрајно шармантен, а покрај големата накитена елка во холот на Филхармонијата се почувствувавме дека е Нова година.
Обемната програма која траеше два ипол часа, а нам ни се чинеше како величенствен миг, започна со популарните арии од „Кармен“ –Увертуре и Хабанера , а завршија со енергичниот „Радецки марш“ на Штраус, со кој и традиционално завршува секоја година Виенскиот концерт на 1 јануари. И Во Скопје, како во Виена, публиката ракоплескаше по тактовите на маршот, диригирани од диригентот.
„Vienna Classic Orchestra“ е основан во 1998 година, кога најзначајните солисти на неколку класични формации во Виена решаваат да го постават почетокот на најелитниот, врвен оркестар кој ја фасцинира публиката со настапите низ целиот свет.
Пред Скопје, елитната формација имаше настап во Париз. Концертот беше во организација на „Прагма продукција“ .
Л.Сабит