Ципрас: Се наѕира перспектива за решение за името


Се наѕира перспектива за решение за името, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во говор на годишното генерално собрание на Федерацијата на претпријатија на Грција.

Говорејќи за улогата на Грција како столб на стабилност на Балканот, Ципрас како пример ја спомена „перспективата за решение што се наѕира во тешките, но неопходни преговори со поранешната југословенска Република Македонија“.

– Преговори со кои управувавме и продолжуваме да управуваме со чувство на одговорност и патриотизам. Но, и со решителност и верба во потребата за изнаоѓање решение, рече Ципрас.

Грчкиот премиер истакна дека сликата за Грција на меѓународен план полека се менува и се зајакнува, но за тоа се потребни смели и тешки одлуки. Може да се постигне ако се тргне настрана политичката цена, а предвид да се има интересот на земјата.

– Тоа се обидуваме да го сториме, работејќи на решение, затоа што веруваме дека можеме да ја вратиме водечката позиција на земјата на Балканот. Нешто што ќе има пошироки позитивни последици, не само на геополитички план, туку и во областа на економијата и претприемништвото, создавајќи една нова динамика за развој на нашиот регион, на Балканот, нова перспектива на соработка со сите земји од нашиот регион, а во исто време ќе ги запре аспирациите за економско и политичко владеење на други сили во поширокиот регион, како што е Турција, на пример, додаде Алексис Ципрас во неговиот говор